Париз: Укината мерката „пар-непар“, казнети 4.000 возачи

Властите на Париз ја укинаа дневната забрана за движење на возила со парни и непарни регистерски таблички по само еден ден, со оглед на тоа дека нивото на загадување во меѓувреме се намали под дозволената граница.

Се покажа дека ниту француските возачи не се премногу дисциплинирани, па полицијата која ја вршела контролата напишала околу четири илјади казни поради недозволено возење.

Мерката „пар- непар“ е воведена на подрачјето на Париз на 17-ти овој месец, кога властите забранија движење на возила со парни броеви на табличките.

Забраната според потребите требаше да биде продолжена и за вчера, кога сопствениците на автомобили со непарни броеви на табличките беа принудени да ги остават своите автомобили паркирани. Но, поради промените на метеоролошките услови, нивото на загадување се намали под опасната граница, па оваа мерка е укината.

Сепак, и еден ден беше доволен жителите на Париз да покажат дека многу добро знаат да ги кршат и да не ги почитуваат правилата. Околу 700 полицајци кои беа распоредени низ градот за да ја контролираат мерката и нејзиното спроведување, напишале 3.859 казни на несовесните возачи кои ги возеле автомобилите и мотоциклите со парни регистерски таблички.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.