„Паркови и зеленило“ лапна над 280.000 евра субвенции од Градот

ЈП „Паркови и зеленило“ кое со години наназад се соочува со финансиски потешкотии, а неодамна вработените се заканија со штрајк поради доцнењето на платите, доби 15 милиони денари (околу 244.000 евра) субвенции од Градот за надминувае на овој проблем и покривање на тековните загуби. Претпријатието доби и дополнителни 2,6 милиони денари (околу 42.000) субвенции за тековно одржување и трошоци за „Пајтонот“, скопската туристичка атракција, која како што беше и најавена, не се покажа како многу профитабилна и успешна.

„Овие 15 милиони денари не се за плати. Плата исплативме во петокот, но тие ни се потребни да може претпријатието да се одржи во кондиција и да се исплатат обврските кон добавувачите. Од 2008 година до сега, немаме земено субвенции од Градот“, вели диекторот на  ЈП „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ.

Работата на ЈП „Паркови и зеленило“, генерално се финансира од процент од наплатата на ЈП „Водовод и канализација“, (19, 5 отсто), меѓутоа, тоа засега е доволно само за исплата на платите на вработените, но не и за други тековни трошоци, како набавка на опрема, гориво, нови садници и слично. Главниот проблем е ниската наплата на градското водоводно претпријатие, што е помала од 50 отсто.
Градот, освен субвенции, за одржување на паркови, садење дрва, цвеќиња и слични услуги, го ангажира исклучиво само ова претпријатие и годишно му дава работа во вредност од околу 1 милион евра.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.