Парнарџиева-Змејкова: Крајна цел на Стратегијата е подобрување на квалитетот на здравствените услуги

110

„Го продолжуваме континуитетот на нашите заложби и секогаш сме посветени во подобрување на квалитетот на здравствените услуги, во олеснување на осигурениците во остварување на нивните права од здравственото осигурување. Нашата крајна цел е да го подобриме квалитетот на нашето севкупно живеење,“ вели Парнарџиева во првиот дел од интервјуто за Нетпрес.

Со Стратегијата опфатени се повеќе проекти кои се однесуваат на матичните лекари, администрацијата, лековите како и активности во насока на подигнување на свеста на луѓето за здрав начин на живот.

Нетпрес: На 8 ноември Фондот прослави 13 години постоење како независна институција. Со кои предизвици се соочувате во работата? Презентиравте и Стратегија за работа за следните две години.

Парнарџиева-Змејкова: Стратегијата на ФЗОМ за 2014-2015 година е резултат на напорна работа во изминативе два месеци на мене и на мојот тим. Основните параметри за да се донесе една стратегија е да се определат кои се методите да се исполни мисијата на Фондот. Нашата мисија е да обезбедиме права и здравствени услуги од основниот пакет на услуги на осигурениците врз начелата на сеопфатност, солидарност и еднаквост. Како Фонд си зацртуваме цели кои придонесуваат во секој сегмент да ја реализираме нашата мисија. Во тоа од непроценлива помош ни се редовните средби со здруженијата на пациенти, со еснафските здруженија, со коморите, фармацевтската, стоматолошката и лекарската. Меѓутоа истовремено ги земаме предвид не само регионалните искуства, преку редовно учество на регионалните форуми каде што се среќаваме фондовите за здравствено осигурување.

Нетпрес: Една од работите кои се предвидени во Стратегијата е и воведување на семејни лекари. Што значи ова, кои ќе бидат придобивките за пациентите?

Парнарџиева-Змејкова: Со започнување на работата на семејните лекари, осигурениците ќе добиваат повеќе здравствени услуги на една врата. Наместо да одиме за ехо кај специјалист, таа услуга ќе ја добиваме кај семеен лекар. Истото важи и за други услуги од интерна медицина како мерење на шеќер во крв, стреп-тест, мерење на капацитте на бели дробови. Од дејноста општа хирургија, семејниот лекар ќе ги овозможи поставување канили, замена на кеси за стома и тоалета, вадење конци, ресекции на нокти. Дел од другите услуги на семејниот лекар ќе бидат и мерење на вид, преглед на кожа, отстранување на туѓи тела од уши, земање на микробиолошки примероци и други. За матичните лекари – специјалисти по семејна медицина, Фондот ќе обезбеди нов модел на плаќање кој е во согласност со светските искуства. Моделот за плаќање е комбинација од фиксен дел + капитација + плаќање по услуга наместо досегашниот систем на главарина воведен пред повеќе од една декада.

Нетпрес: Голем дел од мерките се однесуваат и на матичните лекари, но и досегашните промени се однесуваа токму на нив. Што е она што нив ќе ги засегне?

Парнарџиева-Змејкова: Голем дел од мерките се однесуваат на матичните лекари, бидејќи успехот на еден здравстен систем зависи токму од нив. Тие се еден од најважните фактори во здравствените услуги. Добро е, голем дел од услигите да ги даваат тие, а мал дел да останат за во секундарното и терцијалното здравство. Во 2014 планираме за секој нов матичен лекар кој ќе склучи договор со Фондот, да добива фиксен дел во износ од 40 илјади денари. За стимулирање на нови лекари и зголемување на бројот на матични лекари, Фондот планира за првите 18 месеци на работење на новите тимови да добиваат капитација за 400 пациенти/800 бодови се додека нивната пракса не заживее, т.е. да може да овозможи основни средства за почеток на работењето – плата и сл. Оваа мерка има за цел да обезбеди повеќе лекари достапни за секој осигуреник. Во однос на проектот задоволни лекари и пациенти во рурални средини целта на проектот е да се стимулираат лекарите кои даваат здравствени услуги во руралните средини, места кои знаеме се тешко достапни. Во тие населени места голем е бројот на стари и изнемоштени лица и затоа Фондот планира да ги стимулира лекарите преку зголемување на средствата кои ги исплаќа Фондот. На пример, наместо исплаќање на минимумот од 55 илјади денари зголемување на 60 илјади денари, односно зголемување од 85 илјади на 90 илјади денари.

Нетпрес: Дали ќе се зголеми капитацијата за матичните лекари затоа што во меѓувреме, со новините, трошоците се зголемија, а капитациониот бод остана ист?

Парнарџиева-Змејкова: Се зависи од финансиските можности. Со пари може многу да се направи. Не е планирано зголемување на капитацијата, толку ни се можностите. Но, со некои други мерки кои се во стратегијата ќе придонесеме во подобрување на состојбата на матичните лекари. Фондот е во постојана комуникација и соработува на сите отворени прашања со Лекарската комора, која е еснафско здружение и која е одговорна за прашањето кое го поставувате. Спеак, како Фонд имаме интерес лекарите да бидат задоволни и што е во наша надлежност и во интерес и на пациентит, гледаме да го овозможиме или како поволност, или како процедура.

Нетпрес: Една од работите за кои исто така постоеја поплаки е преголемата административна процедура, а малку време за пациентите. Што ќе значат промените помалку администрација, повеќе време за пациентите кои исто така се предвидени во Стратегијата?

Парнарџиева-Змејкова: Во 2014 година Фондот ќе воведе електронски дневник, електронски здравствен картон и ќе ги укине здравствените книшки. Ова претставува административно олеснување и укинување на хартијата кај матичните лекари. Веќе нема да има потреба од тројна евиденција, пишана и електронска, туку само електронска. Со тоа лекарот ќе има повеќе време за пациентите, а со тоа и да пружи поквалитетна здравствена услуга. Конечно, лекарот ќе може повеќе да се посвети на медицината, наместо на администрацијата. Олеснување за осигурениците е и што нема да ги носат со себе здравствените книшки, туку само електронска здравствена картичка.

Нетпрес: Повеќе осигуренички со матичен гинеколог, дали со оваа мерка ќе се скратат финансиските трошоци за жените кога ќе посетуваат гинеколог?

Парнарџиева-Змејкова: Заради голем број на поплаки од жените, Фондот планира да ја зголеми стимулативната граница за бројот на осигуренички на кои еден гинеколог може да им пружа здравствени услуги, односно зголемување од сегашните 3.500 бодови на 4000 бодови. Со оваа мерка се очекува повеќе жени да имаат избран матичен гинеколог без да бидат одбивани, да имаме позадоволни гинеколози, поквалитетна здравствена заштита за жените, рано детектирање на болести и превенција. Гинеколозите се дефицитарни, лошата пракса продолжува и поради тоа сакаме да ги воведем овие промени за гинеколозите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.