Партијата на Макрон го смени името во Преродба

Стефан Сежурне, новиот челник на претседателската партија, премиерката Елизабет Борн и поранешниот премиер Едуар Филип на промоцијата на Преродба/ Paris, on September 17, 2022. (Photo by JULIEN DE ROSA / AFP)

Партијата Република во движење (La République en Marche – LREM), политичко движење коешто францускиот претседател Емануел Макрон го основа една година пред да го освои првиот претседателски мандат, во саботата официјално го промени името во Преродба (Renaissance).

Бидејќи Макрон, како основач на LREM нема право да се кандидира за трет претседателски мандат, движењето мора темелно да се реформира и да стане класична политичка партија којашто би опфатила што поголем број гласачи.

„Без единство, ќе преовладуваат екстремите“, порача во видео-обраќањето во саботата вечерта пред гласањето на конгресот во париски „Карусел ду Лувр“ Макрон кој засега ќе биде само почесен претседател на новата партија.

Формален претседател на партијата Преродба ќе биде 37-годишниот Стефан Сежурне, претседател на пратеничката либерална групација Renew Europe во Европскиот парламент

Радиото France Info доцна ноќта во саботата објави дека дури 87 отсто од делегатите на конгресот на LREM гласале а промена на името и статутот на партијата.

„Никогаш не се откажувајте од движењето напред. На гласачите им е важно вашите одлуки да бидат ефективни и праведни, дали ја градат иднината, дали ја штитат, дали се реални. Другото е во втор план. Единството и движењето напред е курсот кој сакам да го поставам вечерва“, порачал Макрон.

Првично, напуштајќи ја во 2016 година министерската функција во владата на претседателот Франсоа Оланд од тогаш силно раслоената Социјалистичка партија, Емануел Макрон, првично почна да дејствува само со тесен круг приврзаници. Веќе следната година го формираше движењето LREM за да се кандидира на претседателските избори, првично како „надпартиско“ движење, ниту од десниот ниту од левиот центар. Идејата, како што тогаш изјавуваше Макрон е да се „свети страницата на старите политички партии“ во Франција.

Емануел Макрон во мај годинава на претседателските избори, благодарејќи на ткн рефлекс „републикански фронт“ кога сите се сојузуваат против кандидатите на крајната десница, во вториот круг ја победи челничката на Национален собир, Марин Лепен, која освои респектабилни 41 отсто од гласовите. Но само еден месец подоцна, неговата партија LREM го загуби апсолутното мнозинство во парламентот и мораше да се сојузува со други партии.