Партиите на Лимај и Пацоли договорија предизборна коалиција

22

Партиите на вицепремиерите на Владата во оставка на Косово, Фатмир Лимај – Социјалдемократска иницијативе (Нисма) и Беџет Пацоли – Алијанса ново Косово (АКР) се договорија денеска за заеднички настап на предвремените парламентарни избори што ќе се одржат оваа есен, јави дописникот на МИА од Приштина.

На прес-конференцијата што ја одржаа по тој повод, лидерите на двете досега владејачки партии соопштија дека се договориле оти заеднички кандидат за иден премиер на Косово ќе биде Лимај.

Оваа предизборна коалиција, како што нагласија Лимај и Пацоли, е отворена за предизборно и постизборно коалицирање и соработка и со други политички субјекти.

Двете партии, како што беше речено, се убедени дека оваа коалиција ќе биде клучна за формирање на идната косовска Влада.

Коалицијата на Нисма и АКР е втора по ред откако, во понеделникот, на 19 август, договор за заеднички настап на наредните избори, потпишаа Алијансата за иднината на Косово (ААК) на премиерот во оставка Рамуш Харадинај и Социјалдемократската партија (ПСД) на приштинскиот градоначалник Шпенд Ахмети. Харадинај и Ахмети, по објавувањето на веста за постигнатиот договор,со кој заеднички кандидат за премиер ќе биде лидерот на ААК и досегашен премиер, ги повикаа Нисма на Лимај и АКР на Пацоли да се приклучат на коалицијата.

Косовското собрание вчера донесе одлука за самораспуштање, по што претседателот на државата Хашим Тачи треба да го објави датумот на предвремените избори. Тачи вчера најави дека многу брзо ќе го објави датумот за изборите, а извори од неговиот кабинет изјавија за медиумите дека тој планира да ги закаже изборите за на 6 октомври, а одлуката ќе ја објави најдоцна в понеделник, на 26 август.

Законскиот рок за одржување на изборите е 30 до 45 дена од распуштањето на Парламентот, а изборната кампања за предвремени избори е предвидено да трае десет дена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.