Партиите на Мустафа и Харадинај се договорија за формирање заедничка влада

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК) Рамуш Харадинај објави дека е постигнат договор со Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) за формирање нова заедничка влада која ќе ја води потпретседтелот на ЛДК Авдулах Хоти, јави дописникот на МИА од Приштина.

По денешната средба со лидерот на ЛДК Иса Мустафа, одржана во Собранието на Косово, Харадинај објави дека ААК во кабинетот на Хоти ќе има четворица министри и еден вицепремиер.

ААК во новата влада ќе ги води ресорите надворешни работи, образование, правда и економски развој, информира поранешниот премиер.

Според Харадинај, новата влада ќе има ист број министерства, 15, како и досегашната предводена од вршителот на должноста премиер Албин Курти.

Откако на 25 март Собранието на Косово ѝ изгласа недоверба на владата на Курти, претседателот на државата Хашим Тачи го додели мандатот за формирање нова влада на ЛДК, откако таа партија објави дека може да го обезбеди потребното парламентарно мнозинство за поддршка на кабинетот што ќе го предложи Хоти.