Партиите за годишното обраќање на Пендаровски

За ДУИ беше коректен, за СДСМ натпартиски, за ВРМО ДПМНЕ ги продлабочил поделбите, а за движењето Беса избалансиран, оценија најголемите партии на политичката сцена на првото обраќање на македонскиот претседател Стево Пенрадовски по стапување на функцијата.

Од говорницата во Собранието, меѓу другото, тој повика на потребата од граѓанско помирување и надминување на разликите, за прочистување меѓу судиите, но и меѓу политичарите и најави активности на долг рок како постигнување на консензус за аерозагадувањето и за иселувањето од земјата.

Реџаил Исмаили од ДУИ го оцени обраќањето на Пендаровски како коректно при што истакна две работи што претседателот го начна од собраниската говорница – Законот за јазиците и за судството.

Се повика на извештајот на Венецијанската комисија и ние како држава треба да градиме капацитети за спроведување на тој закон. Вие знаете како новинари дека е формирана Агенцијата за спроведување на законот, исто така пред еден месец го формиравме со закон и Инспекторатот за спроведување на истиот закон, така што да дозволиме и да создадеме услови за тие две институции да почнат да се градат со јаки капацитети и да почнат да работа, дури тогаш ќе видиме како се спроведува Законот за јазиците, рече Исмаили.

Од друга страна претставникот на  поголемиот коалициски партнер во владата СДСМ, Хари Локвенец, важно е да се истакне дека „првпат по десет години е слушнато обраќање на натпартиски претседател“ и истакна дека неговата партија може да се согласи со дел од работите што беа споменати во обраќањето на Пендаровски, како на пример дека претстои уште многу работа, особено „имајќи го предвид кочењето на процесите“ од страна на ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на помирувањето. Тој процес го иницираше премиерот Заев, започна овде во Собранието, се формираа и работни групи на оваа тема кои активно придонесуваат и на тој процес треба да му се даде целосна поддршка. За само две и пол години со речникот на претседателот за време на најбрзата обнова на институции во повоена Европа, СДСМ успеа да ја врати државата во нормала и да ја донесеме на прагот на членство во НАТО и отворањето на преговорите со ЕУ. Значењето на Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија за нас како држава и за нејзината иднина се исклучително важни. ЕУ и НАТО не се возможни без Договорот од Преспа, со кој државата излезе од децениска изолација и дојде на прагот на НАТО и ЕУ. Договор кој затвори 25-годишен спор и истовремено го зачува и обезбеди нашиот идентитет, реќе Локвенец.

Говорот на  Пендаровски за ВМРО ДПМНЕ не го дал очекуваното. Од опозициската партија истакнуваат дека „очекувале да понуди мостови и помирување, но само ги продлабочил поделбите“.

Очигледно покомотно се чувствува кога ги зазема ставовите на партијата. Чувме многу празни зборови, но не слушнавме ништо конкретно. Чувме дијагнози, но не чувме конкретни решенија. За неколкуте идеи што ги соопшти, мора да кажам дека нема никакви консултации со пратениците и опозоцијата што само потврдува дека тој не успеал да излезе од партиските чевли на СДСС, рече пратеникот Илија Димовски .

Избалансиран настап во кое ги опфати сите отворeни прашања кои ги имаме, особено во делот на правната држава. Вака го оцени обраќањето на претседателот Стево Пендаровски пред пратениците, Фадил Зендели од Беса. Треба да се поздрави, посочи Зендели, обраќањето во насока дека 30 години сме држава со афери, а нема ниту еден висок функционер зад решетки.

Секако треба да се поздрави настапот на претседателот на државата, но и да се има предвид дека тој е краток период на функција. Секако во следниот период би требало да видиме и многу други иницијативи, кои според мојот впечаток, би требало да бидат во насока на тоа што тој треба да претставува претседател на сите граѓани без разлика на етничката, национална и друга припадност, рече Зендели.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.