Партиите за три дена треба да ги комплетираат и достават изборните листи до ДИК

Партиите најдоцна за три дена треба да ги комплетираат и достават до Државната изборна комисија (ДИК) листите со кандидати за пратеници и носителите на листите со кои ќе настапат на предвремените парламентарни избори.

Владејачката СДСМ денеска на Конгрес ќе ги објави сите носители на листи и кандидати, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако ќе ги потврдени утре на седница на Централниот комитет ќе ги презентира задутре. Изминатиот викенд своите кандидати за пратеници ги официјализираше Беса, која предизборно коалицираше со СДСМ, одлуки дека остануваат во таа коалиција донесоа Либерално демократската партија и Партијата на пензионерите, а кон коалицијата се приклучи Демократската партија на Турците. ДПА, пак, соопшти дека настапува самостојно на изборите.

Во коалицијата на СДСМ досега е познато дека лидерот Зоран Заев ќе биде носител во четвртата Изборна единица (ИЕ), покрај него носител ќе биде и партиската потпретседателка Радмила Шекеринска, а во шестата ИЕ Билал Касами од Беса.

Заев вчера најави дека во секоја изборна единица СДСМ ќе оди со двајца носители на листи – маж и жена. – Ќе имаме двајца носители на листи, двајцата паралелно ќе го покриваат теренот. Тоа е еден нов квалитет, освен бројката од 50 отсто жени ќе имаме по една носителка на листа жена и по еден маж носител, изјави Заев, најавувајќи дека покрај него и Шекеринска ќе биде носител на пратеничка листа. Како што нагласи, на пратеничките листи ќе се види континуитет, но, ќе има и нови ликови.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак,  останува на ставот да не се кандидира за пратеник на изборите на 12 април и да биде шпицен кандидат на партијата за мандатар.

За имињата на лицата кои ќе бидат потенцијални кандидати за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе се одлучува на Централниот комитет на партијата закажан за утре, по што кандидатските листи ќе ги објават во јавноста.  – Луѓето во животот треба да се определат за една работа, не можеме да се определуваме за повеќе работи па која ќе помине таа нека помине. Ако сте се определиле да бидете кандидат за мандатар би било чесно, честито, би имало некаква морална вертикала ако ви е само тоа. Ако вие бидете и кандидат за мандатар и потенцијален кандидат за пратеник, кандидат за директор, за министер, за амбасадор и така натаму според мене лично, тоа е мое убедување дека не е чесно, честито и оти тоа е затскривање зад пораз, рече Мицкоски. Во финална фаза се на составување на листите, а може да се очекува, како што вели, и надпартиски и истакнати личности во својата фела да се најдат и на кандидатските листи за пратеници.

Како што изјави претходно Мицкоски, во коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ остануваат досегашните коалициски партнери, а се разговара и со други партии.

Според одлуката на Централното собрание на Беса кое синоќа ги определи кандидатите за пратеници, во изборна единица 1 кандидати се Кастриот Реџепи и Јонуз Фејзулах. Во двојката Бастри Бајрами и Шенаси Геладини. Мелинда Рашиди е единствен кандидат за пратеник во ИЕ 5. Најмногу кандидати за пратеници има за шестата изборна единица Билал Касами, Фадил Зендели, Хатије Етеми,Абдуш Демири, Фатлинда Јаја, Фатмир Сабриу, Флори Синани, Исеин Ајдари и Аднан Азизи. Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами, претходно во интервју за МИА рече дека тој ќе ја предводи шестата изборна единица на коалицијата на СДСМ.

Централен одбор на ЛДП која останува во коалицијата на СДСМ вчера исто така ги утврди кандидатите за пратеници што ќе ги промовира дополнително. Членовите на ЦО на ЛДП оцениле дека досегашното коалицирање со СДСМ е успешно, така што во следниот период треба да се заокружат реформите во целост за успешен европски интегративен процес.

ДУИ која најави самостоен настап на изборите официјално не ги соопшти носителите на листите со кои ќе настапи на изборите, но според објавите во дел од медиумите за време на викендот, Централното претседателството го прифатило предлогот Али Ахмети да биде носител во ИЕ 6, Артан Груби во ИЕ 1, Ејуп Халими во втората Нафи Дурмиши во ИЕ 3, Артан Спахиу во ИЕ 4, Агим Шаќири во ИЕ 5, а Џевдет Спахиу во ИЕ 7.

Одлука за самостоен настап на изборите изминатиот викенд донесе Демократската партија на Албанците (ДПА). Во неколку наврати претходно лидерот на партијата Мендух Тачи рече дека се разговара со НДП, но од таа партија неодамна соопштија дека нема да учествуваат на изборите.

Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и вчера порачаа дека се уверени во победа. На прашањето дали ќе поднесе оставка ако изгуби на изборите закажани на 12 април Мицкоски вчера одговори дека е уверен во победа, а тоа, како што изјави, го темели на проценки од анкети на јавното мислење. Според Заев, претходно имало опасност, но сега е сигурен дека ќе победат на изборите.

На изборите што треба да се одржат на 12 април ќе нема независни кандидатски листи, откако во предвидениот рок ниту еден од пријавените шестмина кандидати за независни носители не ги собра потребните илјада потписи. Државната изборна комисија на последната седница донесе упатство за постапката за решавање приговори, а од четирите партии од власта и опозицијата кои на последните избори освоиле најмногу гласови – ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и Беса побара предлози за членови во Избирачките одбори.

Кампањата за изборите ќе почне на 23 март, а ќе трае до полноќ на 10 април.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.