Партиската или картелска битка за тронот на СДСМ

Најавениот конгрес во СДСМ вади на површина и валкан веш на повеќе незадоволни струи, а се очекува наскоро разгорувањето на борбата да се пренесе и во медиумите.

Внатрепартиските борби, според извори на НетПрес, ќе придонесат многу скоро министерството за транспорт и врски да биде предадено на коалицискиот партнер ДУИ, што ќе биде резултат на кадровските калкулации на Заев во ослободувањето од кадрите коишто би можеле да му ја загрозат челната позиција во партијата.

Како еден од незадоволниците од последните кадровски решенија на Заев, се споменува Коста Петров, кој наместо на врвот, како што се надевал, заврши на дното на фунцкионерската хиерахрија. Потпретседателот на СДСМ, кој во изборите излегуваше на прес-конференции, наместо со вицепремиерско место ќе мора да се задоволи со директор на Фондот за иновации.  Вицепремиерското место му припадна на Фатмир Битиќи, а Коста Петров гласно негодувал дека ова место го добил Битиќи не поради професионалните компетенции, туку поради етничката припадност.

Незадоволен бил и Роберт Поповски кој доби „шут карта“ од Владата на Зоран Заев, а кој сега се споменува за нов директор на МРТВ. За оваа позиција, како што брифираат од кругови блиски на СДСМ, веќе од поодамна во партијата лобирале уште двајца новинари блиски на социјалдемократите, едниот сега директор и уредник на телевизија со национална концесија, а другиот сопственик на информативен портал.

Министерското место на Мила Царовска во образование извори од СДСМ го гледаат и како горење, со оглед на тоа дека се става на чело на ресор со многу проблеми. Покрај тоа, противниците на ова кадровско решение на Заев сметаат дека Царовска, која ја доживуваат повеќе како „невладин“ кадар отколку како лојален партиски член, нема капацитет да влезе во костец со проблемите во сферата на образованието, откако не покажала особени успеси во ресорот на социјалата, кој претходно го водеше.

Воедно, според некои извори, Заев и свесно го направил тоа, бидејќи наводно во неа гледал закана за претседателското столче во СДСМ.

Откако веќе сите се согласиле дека министерското место на Благој Бочварски е спасување од сигурен пораз на локалните избори поради очајното водење на Штип, проблемот кај дел од социјалдемократите е што Горан Сугарески извисил и Прилеп како град нема значајно место во владата на Заев. Тоа, според струите во СДСМ, може да доведе до уште поголемо намалување на влијанието на партијата во градот, и се смета како еден од факторите за веќе извесен пораз под Марковите кули на претстојните локални избори.

Тивката битка која се води меѓу Спасовски и Заев има и картелска заднина. Зад тоа се крие борбата на влијание врз бизнисот со дрога и лиценците со марихуана. Јасно е дека заштита во трговијата со дроги на групите од Грчец и Арачиново им пружаат структури од полицијата. Но, битката се префрлила и врз лиценците за марихуана каде свој дел и интерес има и Вице Заев. А, Спасовски преку својата позиција во МВР, на којашто сега е вратен, има веќе создадена цврста „база“ која лавира меѓу криминалот и бизнисот. А, тоа носи и солидна финансиска база којашто во македонската политика е главниот фактор за придобивање нечија поддршка. Покрај тоа, позицијата му овозможува да дојде во посед на многу инкриминирачки инфорамации кои може да се употребат против секој противник.

Една тивка фракција во СДСМ, којашто во моментов од скраја ги следи внатрешнопартиските фаќања позиции, брифира дека Заев ќе се обиде во следниот период да се ослободи од сите личности кои може да го загрозат на челната позиција во партијата. Една од таквите, секако е и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, која несомнено има поддршка во големата партиска база позната како „скопско крило“ и главно содржана од лица кои долги години се во партијата а многумина од нив се чувствуаат изиграни особено во поделбата на колачот на власт. Извори од партијата затоа наведуваат дека дури е прашање дали Шекеринска ќе ги преживее првите сто дена на владата.

Бидејќи и кругови блиски на ДУИ тврдат дека имаат информации дека нивната партија во текот на првата година од оваа влада ќе го добие ресорот транспорт и врски, се поткрепуваат информациите дека Бочварски, како лојален кадар на Заев ќе биде прекомандуван во одбраната на местото од Шекеринска. Ваквите рокади, според соговорниците, Заев ќе ги прави со помали реконструкции на својот министерски кабинет, за да избегне побројните промени според законот да се најдат на дневен ред на парламентот. А, од собраниската говорница може да протечат уште многу внатрепартиски валканици, што временски многу ќе ја скуси амбицијата на Заев да има „цел мандат“.

Непознато е засега како Заев ќе го решава елиминирањето на Шекеринска. Може да се претпостави дека повторно, како и пред две години, тогаш со манипулации на неприкладно место  – на веселба и преку трети лица, на министерката за одбрана ќе ѝ биде понудено примамливо место во дипломатијата. Шекеринска ваквите понуди досега ги игнорираше, дури и поставени преку прашања на прес-конференции. А, од развојот на настаните во следниот период ќе зависи дали Заев ќе успее да се ослободи од еден сериозен внатрепартиски ривал.