Партизан во инфаркт меч го освои Купот, Црвена Звезда имаше добиен меч

Партизан во неверојатно финале успеа да стигне до трофејот во Купот на Србија, откако по огромна битка и продолжение од пет минути во салата „Чаир“ во Ниш ја совлада Црвена Звезда со минимални 85-84. „Црвено-белите“ имаа добиен меч во регуларниот дел, но ја прокоцкаа предноста во последните секунди, по што Партизан успеа во продолжение да стигне до пехарот, триумфирајќи трета година по ред во ова натпреварување.

„Црно-белите“ го контролираа резултатот во првите три четвртини, но Црвена Звезда заигра многу подобро во завршницата, поведувајќи со 76-70 на само 30 секунди до крајот. Отпишаниот Партизан тогаш се врати, најголемиот „кикс“ го направи Пантер, правејќи лична грешка во напад при аут за Црвена Звезда при 78-76. Во последниот напад беше направен прекршок врз Пејџ, а Американецот на Партизан го одведе мечот во продолжение.

Во него блесна Јарамаз, кој набрзина постигна пет поени, носејќи им предност на „црно-белите“. Вечниот ривал успеа да се врати, имаше и два шута за победа, но Берон и Браун беа непрецизни, па на крајот Партизан успеа да го одбрани трофејот во Купот на Србија.