Патите ли од гастритис? 

471

Гастритис е медицински термин кој се употребува за да се означи било каква блага иритација, воспаление, или инфекција која е лоцирана во пределот на стомакот, поточно на слузокожата на желудникот. Освен функцијата за варење на храната, желудникот произведува и ензими, кои се потребни за да се извршат хемиските процеси во нашето тело. Кога постои било какво воспаление, желудникот произведува помалку од сите овие елементи, со што настанува пореметување на целиот систем за варење на храната.

Постојат повеќе причинители на гастритисот, но најголем и најчест причинител на чиреви и акутен гастрит е секако бактеријата Helicobacter pylori. Се смета дека 50 отсто од популацијата во светот е заразена со оваа бактерија, а поголем процент од нив и не знаат дека се заразени, бидејќи не чувствуваат никакви знаци и симптоми.

Helicobacter pylori е грам негативна бактерија во форма на спирала, која се наоѓа на слузницата на желудникот. Таа е единствена бактерија која може да преживее во непогодна кисела средина во желудникот. Директно влијае на органите за варење, предизвикувајќи гастрит или чир на желудникот или на дванаестопалечното црево. Затоа нејзиното присуство треба да се сфати сериозно.

Симптоми кои може да се појават доколку сте заразени со Helicobacter pylori се: Болка во горниот дел на стомакот, абдоменална болка кога стомакот е празен, гадење, губење на апетит, надуеност, ненамерно губење на тежината и т.н.

Постојат повеќе фактори на ризик за инфекција со Helicobacter pylori, поврзани со условите за живот. Тоа се: Живеење во дом со многу други луѓе, живеење во средина без сигурно снабдување со чиста вода за пиење. Ако некој со кого живеете има Helicobacter pylori, тогаш е поголема веројатноста да заболите и вие.

Превенција

Покрај терапијата со антибиотици, неопходно е да се вклучи и здравата исхрана, која ќе биде како поддршка на антибиотикот, за да се спречи нејзиното повторно појавување.

Особено е битно да се вклучи пробиотикот, како превентивна заштита на цревната и желудочната флора. Потоа мед, прополис, кои делуваат антибактериски и го штитат организмот од бактерии. Антиоксиданти кои ги неутрализираат слободните радикали и го чуваат нашето тело од болести, овошјето и свежиот зеленчук, кои изобилуваат со витамини и минерали.

Доколку осетите проблеми со варењето на храната, болки во стомакот или вирусна инфекција, не ги занемарувајте, бидејќи сите тие можат да бидат краткотрајни, но со текот на времето повторно се појавуваат. Многу брзо овие болки можат да се претворат во чир на желудникот, и да го зголемат ризикот од појава на рак на желудникот или на дванаестопалечното црево.

Затоа е потребно на време да се превземат мерки и да се искористат сите благодети од природата, како превентивна заштита.

Автор: Сертифициран нутриционист Марија Лазиќ за НетПрес

e-mail: nutri-diet2018@outlook.com

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.