Патниците да пристигнат три часа пред летот, на влез ќе им се мери температура

Согласно Одлуката на Владата на Република Македонија донесена на 23 јуни 2020 година, за повторно отворање на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид од 1 јули 2020 година, по нивното затворање на 19 и на 16 март годинава, ТАВ Македонија ја информира јавноста дека двата аеродроми ќе се отворат за патнички летови почнувајќи од следната среда, 1 јули, со тоа што воведува нови правила за патување, со цел спречување на влез и ширење на COVID-19.

Во периодот по затворањето на скопскиот и охридскиот аеродром со одлуките на Владата, со цел да се запре ширењето на КОВИД-19 во земјава, интензивно се подготвувавме за повторно отворање на двата аеродроми. Она што е најважно за патниците е следното – да пристигнат на аеродромите најмалку 3 часа пред нивниот лет, да стават заштитна маска пред да влезат во терминалната зграда на аеродромот, да ги дезинфицираат обувките и рацете на самиот влез во зградата и постојано да одржуваат физичко растојание – вели Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Како што објаснуваат од ТАВ Македонија во однос на Меѓународниот Аеродром Скопје, при Заминувања (Departures), единствен отворен влез за патниците во терминалната зграда ќе биде влезот “Departures C”, при што пред влегување секој патник ќе треба да стави заштитна маска, да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон) на агентите за безбедност и потоа да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите, а потоа и да ги дезинфицира рацете на безконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата.

„По соодветната дезинфекција на обувките и рацете, на сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродроми, ќе им биде проверена телесната температура, преку термалните камери кои ние како аеродромски оператор ги набавивме, со цел да спречиме влез на вирусот во аеродромските згради, при заминување од државата. По скенирањето со термалната камера, доколку немаат покачена телесна температура, патниците ќе можат да продолжат кон шалтерите за регистрација или саморегистрација. Она што е важно за целата јавност е да знае дека во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат, а не и нивните семејства и пријатели кои ги испраќаат или ги чекаат да пристигнат“, објаснува Ерсој.

Како што велат од ТАВ Македонија, информативни знаци во вид на банери, налепници и билборди се поставени насекаде низ аеродромите, со цел да ги потсетуваат патниците да држат физичко растојание, да одржуваат висок степен на лична хигиена и да избегнуваат допирање на површините.

Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот, на Заминувања (Departures), Пристигнувања (Arrivals) и кај Излезите (Gates), туку патниците ќе треба да седат на соодветното физичко растојание, а за таа цел седиштата се посебно обележани, објаснуваат од ТАВ Македонија.

Со цел патниците да се чувствуваат безбедно, ТАВ Македонија го интензивира чистењето и дезинфекцијата на сите површини на аеродромите, додека пак вентилацијата во терминалната зграда е исто така зголемена, со системот за климатизација кој користи F9 нано-хемиски филм-обложени филтри. Дополнително, низ целата терминална зграда на аеродромот поставени се диспанзери со средство за дезинфекција на рацете.

Со оглед на новите правила за патување наметнати од глобалната пандемија предизвикана од КОВИД-19, некои од аеродромските процедури ќе се одвиваат побавно, вели генералниот директор на ТАВ Македонија.

Со цел да се избегне создавање непотребен метеж на шалтерите за регистрација, од ТАВ Македонија ги охрабруваат патниците што повеќе да ја користат опцијата за онлајн регистрација на патници и багаж за летовите од скопскиот аеродром, најмалку 24 часа пред времето на полетување. Истата е достапна преку веб-страницата на аеродромот, каде што преку посебни икони секој патник може да пристапи до делот за онлајн регистрација од веб-страниците на авиокомпаниите.

Од ТАВ Македонија нагласуваат дека во делот на безбедносната проверка патниците ќе треба дисциплинирано да ги следат упатствата на агентите за безбедност, и таму, како и при сите процедури каде што се создаваат редици, потребно ќе биде да се држи пропишаното физичко растојание. Сите површини кои се во допир со патници на овој пункт исто така се дезинфицираат зачестено, додека пластичните корпи во кои патниците го ставаат багажот, ќе се дезинфицираат по употребата.

При Излез од аеродромската зграда, пред влез во коридорот, патничкиот мост и потоа во авионот, патниците пак ќе треба да ги дезинфицираат рацете, за што и на тие места ТАВ Македонија има поставено диспанзери за дезинфекција на раце.

„Апелираме до патниците да пристигнат на аеродромот најмалку 3 часа пред времето на полетување, затоа што најмалку 1 час пред времето на полетување тие веќе треба да бидат во бординг зоната, односно на Излезите (Gates)“, вели Ерсој.

Во врска со распоредот на летање, којшто не зависи само од Одлуката на Владата за реотворање на аеродромот за патнички летови, туку и од одлуките на авиокомпаниите, како и земјите до чии дестинации се леташе од Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, пред коронавирус-кризата, ТАВ Македонија ги упатува сите патници да ги следат веб-страниците на двата аеродроми, каде што ќе бидат објавени најновите распореди на летање

Со оглед на тоа што информациите за летовите се менуваат многу брзо, а ние како аеродромски оператор ги ажурираме како што ги добиваме од страна на авиокомпаниите, апелираме до сите патници да ги следат нашите веб-страници http://skp.airports.com.mk/ и http://ohd.airports.com.mk/ каде што промените во распоредот на летање се ажурираат во реално време, појаснуваат од ТАВ Македонија.

Меѓународниот Аеродром Скопје беше затворен за патнички летови од 19-ти март 2020, додека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид од 16-ти март 2020, со Одлуки на Владата, со цел спречување на влез и ширење на коронавирусот. Во изминатите 3,5 месеци, на аеродромот во главниот град имаше само хуманитарни, владини, санитарни, медицински и воени летови.