Патрик Стјуарт повторно ќе биде капетанот Жан Лук Пикард

Британскиот актер Патрик Стјуарт повторно ќе се појави во серијата „Стар Трек“ како капетанот на „Ентерпрајз“, Жан-Лук Пикард, улога по која стекна светска слава. Стујарт го глумеше капетанот на легендарниот космички брод во неколку сезони од серијата „Стар Трек- Следна генерација“ како и во неколку филмови за франшизата.

Британецот неочекувано се појави меѓу љубителите на серијалот на годинешната конвенција на Стар Трек во Лас Вегас, каде обелодени дека ќе биде дел од новата серија во продукција на ЦБС, а во која ќе се открие што прави Пикард по завршување на кариерата како капетан на „Ентерпрајз“.

Секогаш ќе бидам многу горд што бев дел од „Стар Трек- Следната генерација“, но кога го завршивме тој последен филм во 2002 година, навистина почувствував дека моето време со „Стар Трек“ се движеше кон својот природен тек. Поради тоа ова е неочекувано, но прекрасно изненадување и возбуда да се вратам во улогата на Жан-Лук Пикард, изјави Стјуарт.

Тој го глумеше капетанот во 178 епизоди од серијата која се прикажуваше седум сезони од 1987 до 1994 годна, како и во четири филмови од серијалот.

Извршен продуцент на новата серија ќе биде Алекс Куртцман, авторот на одлично примената „Стар Трек-Дискавери“ која се прикажуваше минатата година, а која се враќа на малите екрани во јануари 2019 година.

Засега не е познат насловот на новата серија, ниту пак точниот термин на премиерата.
По Жан Лук Пикард, Стјуарт оствари значајни улоги во неколку филмови од франжизата за „Х-мен“, каде ја толкуваше улогата на професорот Черлс Ексавиер.