Патрушев вети брз одговор на Русија на литванската блокада на Калининград

Одговорот на Москва на транспортната блокада на Калининградската област од страна на Литванија директно ќе влијае на жителите на балтичката република, предупреди во вторникот во Калининград на состанокот посветен на националната безбедност на северозападна Русија, секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев.

Како што беше соопштено претходно, патувањето на Патрушев бил планирано и пред Вилнус да го забрани транзитот на стоки коишто според литванската страна се под санкции на Европската унија. Преку копнен пат, Русија има пристап до оваа енклава преку Литванија и Полска. Вилнус тврди дека забраната за транзит е спроведување на санкциите за казнување на Русија поради нејзината воена интервенција во Украина.

Патрушев во вторникот во Калининград истакнал дека НАТО го зајакнува своето „воено и разузнавачко присуство на северозападните граници“ на Русија, како и дека ситуацијата во регионот се „формира под невиден политички, информативен и економски притисок“ од Западот.

„Последен пример за тоа е блокадата од страна на Литванија, на предлог на западните земји, со кршење на нормите и принципите на меѓународното право, на транзитот на бројни стоки преку нејзината територија до регионот Калининград“, рекол Патрушев кого го цитира агенцијата РИА.

Овој пример покажува дека не само што не може да им се верува на усните, туку и на пишаните изјави од Западот, рекол челникот на влијателниот руски Совет за национална безбедност, кого во западните медиуми го опишуваат како „голем сојузник“ на рускиот претседател Владимир Путин, алудирајќи на своевремените гаранции дадени од западните земји предводени од САД дека НАТО нема да се шири кон границите на Русија.

„Се разработуваат соодветни мерки во меѓуресорски формат коишто ќе бидат преземени во блиска иднина. Нивните последици ќе имаат сериозно негативно влијание врз жителите на Литванија“, порачал Патрушев.

Минатата седмица литванската железница ја известила железницата во Калининград за прекин на транзитот на стоки кои подложат на санкции на ЕУ од 18-ти јуни. Гувернерот на оваа руска енклава, Антон Алиханов, истакна дека новите товари од Русија ќе бидат преземени од фериботскиот систем на регионот. Транзитот на нафтени деривати продолжува и не е ограничен до 10-ти август.

Претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифинг со новинарите ја нарече „незаконска и без преседан“ одлуката на властите во Вилнус, и порача дека ќе следи одговор од страна на Москва.

Истовремено портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, посочи дека Литванија дејствувала „агресивно“ и оти треба да сфати дека на Москва „веќе не ѝ е до разговори“.