Пауновски: Против клубот во Струмица ќе има и пријава за загрозување на јавното здравје, вакви случаи имало и во Прилеп и во Виница

Директорот на Државниот пазарен инспекторат смета дека се потребни законски измени за инспекторите да може да добијат поголеми овластувања во вакви ситуации и да постапуваат на самото место

Сопствениците на ноќниот клуб „Аватар“ во Струмица кои две ноќи по ред правеле журки без дозвола за работа и без политување на здравствените проптоколи и мерките за заштита од ковид-19 ќе одговараат по неколку основи, меѓу другото и за загрозување на јавното здравје, вели во изјава за „360 степени“ директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски.

Пауновски потврдува и дека локалот во Струмица работел и организирал забави , и покрај тоа што немал соодветна дозвола, затоа што се уште не е дозволено да се отворат ноќните клубови, поради ситуацијата со ковид-19. На забавите овој викенд во клубот имало неколку стотици лица. Поради тоа за одговорните лица во клубот е поднесена и кривична пријава за работа без дозвола.

Пауновски вели дека во изминатиот период пазарните инспектори имале пријави за уште два вакви случаи кога се организирале забави без да се почитуваат здравствените протоколи. Во првиот случај станувало збор за кафе-бар во Прилеп, кој може да работи по одлуката за отворање на угостителските објекти, ама во согласност со протоколите.

Во локалот во Прилеп била организирана забава без да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, но инспекторите не можеле да постапуваат во овој случај затоа што кога стигнале на самото место околу 1 часот по полноќ кафе-барот бил затворен.

Третиот случај е од базен во Виница, каде што исто така била организирана забава, а присутните не нселе маски и не одржувале физичка дистанца, односно имало таков метеж што воопшто не се почитувале здравствените протоколи. И во овој случај, како што објаснува Пауновски, се постапува за загрозување на јавното здравје.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат смета дека се потребни законски измени за инспекторите да може да добијат поголеми овластувања во вакви ситуации и да постапуваат на самото место.