Павле Трајанов бара пописот да се одложи најмалку до јуни или на неопределено

Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз, денеска предложи пописот да се одложи најмалку до јуни или на неопределено време, да се обезбеди политички консензус кога тој би се одржал, а во меѓувреме попишувачите да се вакцинираат.

– Демократскиот сојуз предлага одложување на пописот поради тоа што се влошува епидемиолошката состојба, вирусот се шири, има голем број заразени, здравствените капацитети се исполнети, со имунизацијата се доцни. Иселениците Македонци досега не се попишаа, голем број граѓани најавуваат дека нема да ги примат попишувачите во своите домови, опозициските партии од македонскиот блок бараат одложување или негово бојкотирање. Сето ова укажува дека пописот нема да биде успешен, а резултатите ќе дадат искривена слика на состојбите, посебно на оние за вкупниот број на населението и нивната етничка припадност – рече Трајанов денеска на прес конференција.

Затоа, тој предлага Владата да направи анализа на состојбите и да донесе одлука за одложување на пописот и да предложи Парламентот да донесе Закон за негово одложување.

– Сигурни сме во тоа дека пописот е значајна статистичка операција, државата го спроведува, но за успешно завршување неопходен е граѓански и политички консензус – додаде Трајанов.