Павловски: Заев да не шири ѓубре од вести

Академикот Божин Павловски, познат македонски писател и редовен член на МАНУ  кој беше и голем поддржувач на Шарената Револуција и жесток противник на власта на Груевски, на премиерот Заев преку колумна со наслов “Поддршка на Заев за самиот да не шири ѓубре од вести” објавена на порталот мкд.мк, му порачува да не шири ѓубре вести во врска со неговото последно интервју за грчката Алфа Телевизија.

Колумната на академик Божин Павловски во прилог:

Пожелно е сите креатори на медиумскиот простор да ја поддржат иницијата на Владата за сузбивање на лажните вести и дезинформации со што позитивно ќе се влијае на нашата секојдневна живеачка.

Така ќе се создаде поздрава атмосфера и за социјални и за творечки успеси.

Очекувам премиерот и неговиот многуброен тим да го погледаат уште неколку пати интервјуто за грчка „Aлфа” и да ги идентификуваат лажните вести и дезинформации во него. За во иднина да не им се повторуваат. Затоа што македонската историска наука од пред осамостојувањето на Република Македонија тоа го заслужува.

1. Илјадниците книги од тоа време, кога се профилираше нацијата, строго внимаваа на фактите. На пример, ги цитираа извештаите на Карнеги комисијата за егзодусот по војните на Балканот, вршеа консултации со Енциклопедија Британика, со Ларус и тн.

2. Македонскиот народ, каде и да живее сега, нема корист од лажни вести и дезинформации. Тие најчесто излегуваат од кујните на пропагандите или од самите политички партии. Или не се свесни колку е ризично да се живее на работ на нервите, или тоа го посакуваат.

3. Премиерот сепак ќе мора да сфати дека неговото интервју за „Алфа” ја вознемири чесната јавност и во татковината и надвор од неа. Не е доволно правдањето дека мислел на Никола Груевски, не мислел на својот народ. Неговите одговори многумина ги доживеаја како дезинформации.

Да ги оставиме настрана партиските кадри и опозициските активисти. Едните ќе го фалат Заев другите ќе го негираат. Апсолутното мнозинство наши граѓани се коректни и чесни луѓе. Од разни причини си помолчуваат, но имаат свое мислење. За да не останат со впечаток дека премиерот распродавал лаички, умно е да извлече поука од своето непромислено интервју.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.