Пазарџиите ќе плаќаат пензиско и здравствено по тарифа на земјоделец-поединец

Продавачите на зелените пазари ќе плаќаат помалку за пензиско и инвалидско осигурување. Наместо по личен доход пазарџите ќе плаќаат по тарифа на земјоделец поединец. Тоа пак значи наместо 5.000 денари колку што чини осигурување на минимаен личен доход за пензиско ќе плаќаат 1500 денари и уште 540 денари за здравствено осигурување. Ова олеснување е предвидено со новиот Закон за трговија на зелените пазари донесен во јануари годинава, но изминатите месеци од Комората на трговци под која се пазарите со државните институции се утврдуваше методологијата како да се реализираат измените.

Голем процент од пазарџиите не плаќаа ништо на државата. Дел од нив земаа и социјална помош и држеа тезга. Со вадење на лиценца за тезга сега секој пазарџија ќе е вработен, нема да зема социјална помош, а сепак ќе плаќа околу 2.000 денари за пензиско и здравствено осигурување.Ова не е милостина туку борба да ги спасиме тезгаџиите да ги ослободиме од непотребните работи, вели Екрем Долек, претседател на Комората.

Од следната година пазарџиите кои што продаваат на тезги на зелените пазари ќе треба задолжително да имаат лиценца ако сакаат да работат. Покрај тоа тие ќе треба задолжително да плаќаат пензиско и здравствено осигурување. Лиценцата ќе чини околу 60 евра и ќе се обновува еднаш годишно.

Од Комората информираа дека намалените давачки за пензиско и здравствено ќе може да се плаќаат откако пазарџиите ќе извадат лиценци за тезга. Засега се уште не е почната постапката за издавање на лиценци, но од Комората посочуваат дека се очекува издавањето да започне кон крајот на годината, за да може од 2019 пазарџиите веќе да се лиценцирани.

Според Законот за трговија на зелените пазари, на пазарите нема да се издаваат фискални сметки се до влез на нашата земја во ЕУ, а пазарџиите наместо да талкаат низ Централен регистер за регистрација на фирма, ќе работат со лиценци издадени од Комората на трговци.