Починатиот притвореник од Шутка бил позитивен на ковид-19

Притвореникот во затворот во Шутка кој почина од срцев удар немал симптоми на коронавирусот, но обдукцијата покажала дека тој е позитивен на ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Тој исто така соопшти дека позитивен на ковид-19 бил и штитеникот во Домот за стари лица во Битола.

– Обдукцијата покажала дека притвореникот од затворот Шутка е позитивен на коронавирусот и сега се прават епидемиолошки анкети на сите оние кои биле во близок контакт со него. Што се однесува на штитеникот во Домот за стари лица во Битола, пак, и за него добивме потврда дека е позитивен на ковид-19. Земени се примероци од сите вработени во Домот и сега се прават епидемиолошки анкети на сите лица кои биле во контакт со заразениот – рече Филипче.

Тој додаде дека во моментов се наоѓаме во фаза во која мерките што ги воведе Владата се најстроги, но од кои се очекува да дадат добри резултати.

– Се подготвуваме за периодот кога врвот на заразата ќе биде достигнат на крајот на месецот април. Сакам да упатам јасна порака до граѓаните дека нема да може така лесно да се врати животот во нормала, имајќи го предвид искуството со другите земји. Секогаш постои ризик за втор пик на заразени – рече Филипче.