Пецаков: Охрид ќе стане светска туристичка дестинација и град со иднина за младите

25

Кирил Пецаков кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Охрид, во интервју за Вечер.мк вели дека во неговиот мандат ќе се посвети на урбанизирање на сите оние населени места во Охрид кои немаат урбанистички планови долги години, грижа за зачувување на статусот на УНЕСКО вклучувајќи воспоставување одлична комуникација на релација Охрид-УНЕСКО и постапување по нивните препораки, ревитализација на Студенчишкото блато. И ова се само дел од работите на кои фокус ќе стави кандидатот Пецаков во текот на своето работење.

Како личност кој е Кирил Пецаков?

Роден во Охрид, стоматолог и специјалист по детска и превентивна стоматологија. Вработен во итната стоматолошка служба во ЈЗУ „Здравствен дом“ – Охрид. Оженет со д-р Билјана Пецакова, специјалист орален хирург, татко на две деца. Позитивен, срдечен и народен човек. Детството и средношколските денови поминати во родниот град додека пак на студии по стоматологија во Скопје на Стоматалошкиот факултет при УКИМ. Поранешен голман во ракомет и главно хоби спортот. Слободното време пополнето со читање книги, не изостанува дружењето со блиски пријатели и другари, средби со граѓаните од каде ги согледувам вистинските предизвици и проблеми на сите.

Каков е патот низ политичката карирера?

Кога станува збор за политичката кариера можам да кажам дека е плодна поминувајќи низ безброј премрежја како и идни предизвици кои следат. Постепено сум ги поминувал сите скалила во партијата, на само 14 години како дел од Унијата на млади сили, потпретседател на месен комитет, член и претседател на Општински комитет, член на Извршниот комитет на Унијата на млади сили, претседател на Унијата на млади сили, советник во Советот на општина Охрид во два мандати и координатор на советничка група, па до моментов дел од највисокото раководство на партијата како член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен пратеник во Собранието на Република Македонија.

Кој е главниот мотив за кандидатурата за градоначалник на општина Охрид?

Националниот срам и понижувањето од страна на власта, непостоењето буквално никакви граници и уште пострашно никакви национални чувства се моите ѕвезди водилки околу кандидатурата за градоначалник на Охрид и ми даваат посебен мотив и искрена желба за успех, затоа што сум убеден дека победа на локалните избори ќе покрене и низа политички процеси, вклучувајќи ја и промената на политичките сили на политичката сцена во Македонија. Покрај главниот мотив се кандидирам за градоначалник, за Охрид да биде град во кој младите ќе ја гледаат својата иднина, Охрид да биде светска туристичка дестинација, град кој ќе блесне со сиот свој сјај.

На што ќе биде ставен фокусот во четиригодишниот мандат за градоначалник?

За Охрид и охриѓани доаѓаат подобри времиња. Фокусот на она што ќе одбележи мојот мандат ќе биде ставен на неколку главни теми и проекти поврзани со истите, но секако дека динамиката на работата којашто ќе биде наметната, ќе даде можност за остварување на многу проекти коишто ќе ја променат и подобрат сликата за Охрид, генерално.

Заедно да направиме способна и професионална администрација на компетентни луѓе кои ќе одговораат на потребите на граѓаните. Доста беше од локални бизнис моќници.

Не смее веќе зеленилото да се заменува со бетон. Нови паркови, нови велосипедски патеки, пристапни влезови, зелен и хуман град. Зголемување на зеленилото и зелените појаси, подигнување на еколошката свест.

Борба за секое работно место и носење нови инвестиции. Индустриска зона во која локалните компании и инвеститори би пронашле интерес да го прошират својот бизнис, а со тоа отворање нови работни места.

Не смее да има урбано место без канализација и водовод. Не смее да има поголемо населено место без нов асфалт. Подобрување на инфраструктурата во целост, нова водоводна мрежа и решавање на проблемот со водоснабдувањето во повеќе населени места во Охрид.

Максимално вложување и борба со создавањето нови дивоградби и дивеењето со урбанизмот.

Урбанизирање на сите оние населени места во Охрид кои немаат урбанистички планови долги години, грижа за зачувување на статусот на УНЕСКО вклучувајќи воспоставување одлична комуникација на релација Охрид-УНЕСКО и постапување по нивните препораки, ревитализација на Студенчишкото блато.

А во делот на туризмот максимална поддршка во секоја смисла на зборот, на угостителско-туристичкиот сектор во Охрид, посебно делот со справување си постковид последиците, поддршка за тур-оператори, туристички водичи, станоиздавачи и сите оние кои се занимаваат и живеат од туризмот.

Квалитетно образование и бесплатен оброк во училиштата за децата до петто одделение. Секако и поддршката за спортот и спортските клубови ќе биде врвен приоритет.

И сето ова надополнето со секојдневните проблеми и побарувањето на месните заедници и граѓаните на општина Охрид.

Потенциравте дека младите мора да ја гледаат својата иднина во Охрид?

Младите ја имаат мојата поддршка и тие се оние кои се ставени во фокусот на претстојната програма за локалните избори. Охрид мора да биде град во кој младите ќе ја гледаат својата иднина. Младите се иднината и клучот за напредокот на градот. Нашата цел ќе биде насочена кон намалувањето на младинската невработеност и младите што повеќе да бидат вклучени на пазарот на трудот. Младите мора да ја гледаат својата иднина во Охрид, а за таа цел треба да биде донесена долгорочна стратегија за млади. Потребна е инклузија на сите млади и нивна вклученост во креирањето на младинските политики. За локалните проблеми потребни се локални решенија. Политиката којашто треба да се води е локалните проекти во голем дел да бидат насочени кон подобрување на животот на младите на локално ниво.

Која е вашата порака до охриѓани?

Моја порака како мотив е: „За добробит на Охрид со идеи и знаења, за нов почеток, за нова победа, за нов успех!“

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.