Пецас: Ако биде потребно, пред Велигден ќе ги затвориме патарините

grcija

Во пресрет на Велигден и можноста голем број граѓани од градовите, и покрај забраната, да се упатат кон нивните села, портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас во интервјуто за грчката телевизија „Скај“, вели дека доколку биде потребно да се затворат патарините, за да се спречи масовно движење, ќе го сторат тоа, јави дописничката на МИА од Атина.

Пецас повторува дека сите треба да сфатат дека Велигден, оваа година, нема да биде со традиционалните обичаи, а сите ќе останат дома.

-Од моментот кога е одлучено ограничување на движењето, не е предвидено движење од урбаните центри кон селата. Не е дозволено и ако е потребно да се затворат патарините, ќе го сториме тоа, вели Пецас.

Во однос на можноста за воведување построги мерки за движењето на граѓаните, портпаролот на грчката Влада вели дека, еден мал дел од Грците ги злоупотребуваат исклучоците од забраната за движење, а како пример спомена дека не може едно исто лице да оди два-три пати на ден во супермаркет или пак три-четири пати да излегува за физичка активност, додавајќи дека за овие работи е потребно дополнително ограничување.

-Временското ограничување на движењето е нешто што ќе го разгледаме во следните два-три дена. Ако треба да се воведе, ќе се воведе сега. Има злоупотреба од малкумина и постојано до нив упатуваме апел да се усогласат со правилата, рече портпаролот на грчката Влада за ТВ „Скај“.