Педесет години по смртта на Мартин Лутер Кинг лошото минато ги прогонува САД

Со само една реченица изговорена пред речиси половина век, лидерот на движењето за правата на американските црнци Мартин Лутер Кинг Џуниор, се вброи меѓу великаните чиишто имиња се споменуваат како најзаслужните за обликувањето на современите Соединети држави, но коишто сѐ уште се прогонувани од лошото минато и покрај напредувањата кога станува збор за правата на Афроамериканците и укинувањето на расната сегрегација, а борбата за искоренување на расната нееднаквост и натаму се води.

Реченицата којашто Кинг ја изговори во август 1963 година од скалилата на Линколновиот споменик пред околу 250 илјади учесници на Маршот за Вашингтон, претставува пресврт во борбата на американските активисти за човекови права. Меѓутоа, тогаш не тргнало сѐ добро или барем не онака како што Кинг се надевал. Било напорно попладне, иако исцрпена од несносливата горештина, непрегледната толпа пред Линколн Меоријал била подготвена за доза реторички адреналин, за исконска поезија. Задачата на Кинг била говорот од вообичаен да го направи историски, од световен во просветлен. Пред себе ја имал најголемата публика во животот. Телевизиските камери ги пренесувале неговите зборови во американските домови, претседателот Џон Фицџералд Кенеди го слушал од Белата куќа, а проповедникот се мачел со текстот кој имал неколку верзии и на чиешто обликување работеле премногу луѓе со денови пред импозантниот собир.

Масата не одговарала на пораките и се чинело дека Кинг е на работ од тоа да ја испушти историската шанса. Тогаш ја чул сугестијата од една од неговите соработнички, славната госпел пејачка Махалија Џексон: „Раскажи им за сонот, Мартин“. Кинг тогаш истапил од релативно невдахновениот однапред составен говор и започнал да импровизира, изгорувајќи ги зборовите кои станаа за важни за американската нација исто колку и оние на Абрахам Линколн, пред чиј споменик стоел во моментот или на Томас Џеферсон, чиј гроб му бил подалеку од десно.

Сонувам… дека моите четири деца еден ден ќе живеат во нација којашто нема да ги вреднува според бојата на нивната кожа, туку по особеностите.

За својот сон Кинг ќе зборува шест минути, а зборовите „I have a dream“ ги повторил осум пати. Милиони Американци биле фасцинирани. Говорот кој од својот блед почеток се претворил во ремек-дело на реториката во една анкета до 1999 година ќе биде изгласан за најдобар во американската историја.

„Сонувам….“ не билo единственото што Кинг го рекол во говорот кој траел вкупно 17 минути. Повикал на завршување на расизмот во Америка, барал ненасилна промена, повикал на еднаквост и еднакви права за сите. Се повикал во него на американскиот Устав, Декларацијата за независност, Прогласот за еманципација со којашто сто години порано е укинато ропството, на славниот говор на Линколн ка Гетисбург, и на Библијата. Тоа е првпат во американската историја кога јавноста благодарејќи на преносот на сите три национални телевизии можела да слушне колку се оправдани и праведни барањата на црнечката заедница.

Излитена фраза или проклето добар?!

Организаторите на Маршот на Вашингтон за работни места и слобода толку биле преокупирани со логистичките подготовки за тој настан, еден од најголемите собир за човекови права во американската историја, и најмногу од грижата сѐ да мине мирно, така што пишувањето на говорот им било второстепено. Како што подоцна ќе каже еден од неговите соработници, Кинг имал неколку скици, но 12 часа пред говорот сѐ уште не знаел што точно да каже. Фразата „Сонувам….“ Кинг ја користел и порано, па и на еден собир во Детроит, два месеца претходно. Еден од советниците го наговорувал овојпат да не ја употреби, бидејќи „клишето“ не е вредно за важниот настан кој ќе го пренесува националната телевизија.

Говорот во деновите по маршот го следеа славења. Така The New York Times напишал дека ќе минат многу времиња пред Вашингтон да го заборави мелодичниот и меланхоличен глас на свештеникот Мартин Лутер Кинг кој пред непрегледното мноштво ги исповедувал своите сништа. Весникот The Washington Post, пак, тврдел дека станува збор за говор кој се издигнал над вештината на говорништвото, а The Los Angeles Times пишувал за ненадминливата елоквенција на врвен оратор кој ги посрамотил заговорниците на сегрегацијата.

„Проклето е добар“, рекол Џон Ф Кенеди кој настанот го следел преку телевизискиот пренос во Белата куќа. Освен што бил импресиониран од она што го изговорил Кинг, говорот претставувал и успех за администрацијата на Кенеди, која заговарала еднаквост во граѓанските права и стравувала дека евентуалниот неуспех на Маршот на Вашингтон ќе им го скуси залетот. Кенеди особено бил загрижен поради моќните безредија кои дотогаш ги следеле сличните судири. Покрај бројните полициски сили, Пентагон имал и 19.000 војници распоредени во предградијата, а сите болници во американската престолнина ги откажале сите планирани операции.

Собирот, меѓутоа, минал како триумф на мирот. Од 250 илјади луѓе во Вашингтон тој ден, ниеден не бил уапсен ниту за најситен прекршок, а за полицијата најголема грижа претставувале „ланч“ пакетите кои се расипале на горештината. Година по славниот говор, Мартин Лутер Кинг ја добива Нобеловата награда за мир, тогаш како најмлад лауреат во историјата. Се откажал од паричната награда, енормна за тој период, во полза на граѓанските права. О иако е постигнат огромен напредок, неговиот сон сѐ уште не се претвори целосно во јаве, Повеќето и денес сметаат дека треба да се стори уште повеќе за луѓето во САД „да не бидат вреднувани според бојата на кожата, туку според карактерот“.

Даде сѐ за човековите права, животопис

Мартин Лутер Кинг кој сонуваше дека неговите деца ќе бидат вреднувани како личности, а не според расата во следните години станува икона на граѓанските права, борец и човек кој на милиони Американци им ја донесе надеждта и, во крај, го даде животот за таа цел. Накусо тоа е заклучокот кога се одбележува 50-годишнината од неговото убиство.

Кинг е роден на 15-ти јануари 1929 година во Атланта. Мајка му била учителка, а таткото проповедник. Растен е во верски дух. „Црквата отсекогаш му беше вториот дом. Откако ме служи паметењето, бев таму секоја недела“, велел. Станал баптистички свештеник во Монтгомери, во сојузната држава Ачабама, а во 1953 година се оженил за долгогодишната девојка Корета Скот Вилијамс. Имале четири деца.

Во борбата за човекови права се ангажира во 1955 година, откако активистката Роза ПАркс во Монгтомери седнала во предниот дел од градскиот автобус резервиран тогаш за белците и одбила да го напушти. Според тогашните сегрегациски закони, црнците морале да седат одзади. Роза Паркс е уапсена, а Кинг ги повел протестите кои следеле. Една година подоцна американскиот Врховен суд пресуди дека во градскиот транспорт раздвојувањето според бијата на кожата е противуставно.

Кинг стекнал углед ширум американската нација и благодарејќи на неговата елоквенција успеал протестите да ги прошири во многу делови на САД. Во август 1963 година ја маѓепсува нацијата со говорот во Вашингтон и фразата „Сонувам…“. Претседателот Кенеди веќе предложил закон за расната еднаквост, но не можел да ги протурка во Конгресот. Тоа малку повеќе од половина година по убиството на Кенеди во Далас ќе му успее на неговиот наследни Линдон Џонсон.

Кон крајот на 1964 година Кинг ја добува Нобеловата награда за мир, но неговата борба била далеку од завршена. Расната еднаквост постоела само на хартија. Веќе следната година избувнуваат големи протесни маршеви во Салма, исто така во Алабама, Кинг повторно бил предводник. Иако полицијата правела сѐ да ги сопре, протестите значително помогнале набрзо да биде усвоен законот за еднаквото право на глас.

Закани со смрт Мартин Лутер Кинг добивал често. Вечерта на 4-ти април 1968 година бил во Мемфис за да го поддржи штрајкот на тамошните санитарни работници. Го убил расистот Џејмс Ерл Реј кога од својата соба во мотелот излегол на балконот да поразговара со пријателите кои биле долу на паркингот. Имал само 39 години.

Оставината и контроверзиите на Кинг, сонот што стана кошмар

Пред крајот на својот насилно завршен живот, Мартин Лутер Кинг се пожалил дека неговиот сон „се претвори во кошмар“. Лидерот на американската борба за човекови права бил веќе изморен човек на 39-годишна возраст кога го погодил куршумот на убиецот. Тогаш веќе бил и контроверзен човек, спротивно од иконата којашто денес се слави како национален празник кому е посветен импозантен гранитен споменик во Вашингтон.

Замрзнат во времето, не како човек каков што бил во 1968-та, туку како оној кој во август 1963-та го одржал говорот ‘Сонувам …

Американците лесно забораваат колку всушност Кинг во 1960-те години бил личност којашто поларизира. Станал навистина радикален лик во САД, отворен критичар на американската надворешна политика, барајќи правда не само за Афроамериканците, туку за сите сиромашни Американци“, вели Дејвид Фербер, професор по историја на Универзитетот Канзас.

Пресвртничкиот момент се случил во април 1967 година, кога Кинг во Њујорк одржал говор против војната во Виетнам, каде што таа година загинале повеќе од 11.000 американски војници.

„Кога истапи против Виетнамската војна, Кинг го разгневи целото движење за граѓански права и владата, како и голем дел од политичкиот естаблишмент“, вели Хенри Луис Тејлор, директор на Центарот за урбани студии на Универзитетот Бафало. Дејвид Гејроу, автор на книгата „Носејќи го крстот: Мартин Лутер Кинг помладиот“, наведува дека противењето на војната се сметало тогаш за „крајно“, и дека тоа „не било популарно како, на пример, во 1972-та“.

Во времето кога е убиен од расистот Реј, Кинг веќе со години живеел под континуиран надзор од FBI, кој го сметал за „најопасниот“ човек во Америка. Истовремено, неговото непоколебливо залагање за ненасилството како средство коешто треба да ги донесе промените наидувало на отпор на помладата и нестрплива генерација на милитантната црнечка младина.

Последните дванаесет месеци од својот живот Кинг бил исцрпен, песимистичен во поглед на иднината, депримиран. Десетина или повеќе пати во своите последни две години велел „Сонот што го имав во Вашингтон 1963-та се претвори во кошмар, вели Гејроу.

„Често не перципираме колку било тешко да се прави она што Кинг го правел, цената што тоа ја имало. Со колку омраза, со колку отпор се среќавал и колку многу од тоа имало во насилна форма“, вели Џејн Теохарис, професорка по политикологија на Бруклинскиот колеџ при Градскиот универзитет во Њујорк. Таа е автор на книгата за историјата на борбата за граѓанските права „A More Beautiful and Terrible History: The Uses and Misues of Civil Rights History“.

Половина век по неговата смрт, визијата на расната еднаквост којашто Кинг ја изложи на басамаците од меморијалниот центар Лонколн и натаму се чини недостижна.

Џејсон Сокол, професор по историја на Универзитетот Њу Хемпшир, вели дека со годините дошло до одредени поместувања кога станува збор за правата на Афроамериканците, што кулминираше во 2008 година со победата на Барак Обама, првиот црнец кој стана претседател на САД. Но расните разлики и натаму постојат „особено кога ќе ја погледнете сиромаштијата меѓу црнците, стапката на црнци во затворите и прашањето на полициското насилство“, вели Сокол кој ја напиша книгата посветена на Кинг под наслов „The Heavens Might Crack: The Death and Legacy of Martin Luther King Jr“.

Погоре цитираниот професор Тејлор, пак, истакнува дека амбициите на Кинг до периодот кога е убиен „ги прераснале граѓанските права и се прошириле на човековите права“.

„Кинг сонувал за поинаков можен свет втемелен на економска, општествена, политичка и расна правда, нешта поврзани со доброто образование, попристојното и по пристапното домување, добрите работни места со плати од коишто може да се живее, квалитетна и пристапна здравствена грижа. Кога добрп ќе погледнеме, сфаќаме дека всушност не сме напредувале многу последните педесет години во остварувањето на рој сон. Иако навистина многу се променија расните ставови на поединци, расизмот кој е вкоренет во институциите и структурите во САД воопшто не се променил значително“, вели Тејлор.

Тестаментот, сепак, е голем

„Кинг во својот говор во текот на примањето на Нобеловата награда за мир во 1964-та рекол дека движењето за слободата го шири најголемото ослободување во човековата историја. Зборуваше за целиот свет, не само за црнците. На многу начини тоа успеа и повеќе отколку што можел да замисли. Мислам дека во времето кога за хомосексуалноста не се зборувало и кога дури била кривично дело , не би можел да замисли дека ќе имаме истополови бракови. Или црн претседател. Или правата кои ги стекнаа жените“, вели Тејлор Бренч автор на книгата „America in the King Years“, трилогија за животот на Кинг и ерата на борбата за граѓанските права, и истовремено извршен продуцент на новиот документарен филм „King in the Wilderness”.

Оставината на Кинг може да се препозна и во кампањата против полициското насилство „И животите на црнците вредат“ (Black Lives Matter) и во другите движења за општествена правда.

„Неодамна го видовте во движењето ‘Марш за нашите животи’ (March for Our Lives) во кој милиони деца од целата земја излегоа на улиците. Голем оптимист сум поради тоа што сме сведоци на новата генерација луѓе во оваа земја којашто го оживува сонот на Кинг“, вели Тејлор.

Меѓу тие деца беше и Јоланда Рене Кинг, деветгодишната внука на Кинг, која пред масата потсети на неговите славни зборови. „ Во сонот што го сонувам, премногу е, премногу. И дека во овој свет не би требало да има оружје. Пренесете ја пораката, слушате ли? Ширум целата земја. Ќе бидеме големо поколение“.

Грдото минато ги прогонува САД

И покрај сите напредоци во борбата против расната сегрегација и човековите слободи и права, лошото минато и педесет години по смртта на Мартин Лутер Кинг продолжува да ги прогонува Соединетите држави. Така во Мемфис, две третини од жителите се Афроамериканци. Како и во поголемиот број голем американски градови, белците повеќето живеат во предградијата, а црнците во градот.

Педесет години по неговото убиство на балконот од хотелот „Лорејн“, законите кои ги раздвојуваа луѓето според бојата на нивната кожа одамна не важат. Меѓутоа, одвоеното живеење и натаму е правило, а животните услови на црнечкото малцинство во земјата и натаму се полоши од оние за белото мнозинство.

„Тоа е Америка… Сѐ додека се бориме постои надеж дека идните генерации нема да треба да зборуваат за работите за коишто ние денес зборуваме“, вели Андре Џонсон, професор на Универзитетот Мемфис. Овенува дека некои од тие причини се прикриениот расизам и фактот дека црнците постојано мора да се борат против дискриминацијата и предрасудите.

Додека Мемфис и остатокот од САД ја одбележуваат годишнината од смртта на Кинг, приказните за случајот на Џеси Ли Бонд во Мемфис и натаму живеат во сеќавањата на луѓето. Бонд е убиен во 1939 година, а неговиот брат Морис ја раскажува потресната приказна кога тетката му се јавила и му кажала дека братот се скарал со некој бел трговец за сметката околу семе. Ненадејно се запукало, а потоа се дознало дека на тогаш 18-годишниот Бонд телото му било сквернавено, односно дека бил кастриран, раскажал братот кој во рацете го држел извештајот за смртта во кој е наведено дека црното момче се удавило случајно. На тетката, којашто била меѓу малубројните очевидци, ѝ се заканиле дека може да остане без работата на учителка па дури и без животот ако ја каже вистината.

Ова е еден од дваесетината случаи на убиство на црнец во Мемфис, меѓу кои и бесења, за коишто постојат докази, но правдата никогаш не била извршена. Група активисти за граѓански права дене се обидува да основа меморијални центри за тоа да не биде заборавено. Бесењата се неизбежен дел од историјата на црнците во САД, исто како и упорната нееднаквост. „Која статистика и да ја погледнете, црнците секогаш се на дното“, вели Џонсон.

Расизмот отстапува

Јазот меѓу стапката на невработеноста меѓу црнците и белците се намалил последните години, но меѓу црниците таа и натаму е три процентни поена поголема отколку кај белците. Црнците имаат значително помалку примања по домаќинство и додека 90 отсто од белците завршуваат средно образование, тоа важи за 75 отсто од црнците. Иако во вкупната американска популација ги има само 13 отсто, во затворите црнците сочинуваат повеќе од третина од сите затвореници.

Јазот во богатството зборува уште повеќе. Белите домаќинства се многу побогати од афроамериканските. Тоа во значителна мера е последица од сопствеништвата на недвижностите. Сопствена недвижност поседуваат повеќе од половината белци и само околу 40 отсто од црнците.

Кинг очигледно бил свесен за оваа разлика во богатството и барал за сиромашните поголеми приходи и повеќе работни места за црнците. Кога ќе се погледне неговото наследство, не би требало да има сомнежи дека во тој поглед оставил траги.

Родениот ден на Кинг стана американски национален празник во 1983 година, а меморијалниот центар во Вашингтон е отворен во 2011 година, недалеку од спомениците на претседателите Џорџ Вашингтон, Тома Џеферсон и Абрахам Лонколн.

Во децениите по убиството на Кинг многу нешта се променија во културолошка смисла. Многу телевизиски канали, на пример, водат сметка за тоа какви црнечки ликови се затапени во нивните програми, универзитетите се отворени за црните студенти и многу голем компании имаат програми за различностите. Афроамериканците доминираат во професионалната кошарка и во американскиот фудбал, а атлетичарите како и тениските ѕвезди како сестрите Вилијамс се славата исто како и белите ѕвезди пред нив. А еден од најочигледните знаци дека расизмот отстапува во САД беше изборот на Барак Обама, син на црнец од Кенија и бела Американка, за претседател на земјата, и тоа во два мандата.

Но многумина и половина век по трагичната смрт на Мартин Лутер Кинг, сметаат дека мора да го одржуваат живо неговото наследство протестирајќи против неправдата како што се полициските убиства на невооружени црнци. Некои се вртат кон духовноста и ја отфрлаат одмаздата.