Пејсерс ги надиграа Никс, Дончич влезе во историјата на НБА

Во синоќешните натпревари од НБА лигата, Индијана Пејсерс на домашен паркет ги надиграа Њујорк Никс, додека Филаделфија 76ерс им нанесоа нов пораз на Кливленд Кавалирс.

Пејсерс со 110:99 славеа против Никс, а ги предводеше Виктор Одалипо со 26 кошеви, 8 скокови и 7 асистенции. Кај њујорчаните најдобар беше Енес Кантер со 20 кошеви и 15 скокови.

Филаделфија 76ерс ги победија Кливленд Кавалирс на нивен терен со 128:105. Бен Сајмонс беше најдобар играч на Сиксерс со 22 поени, 14 асистенции и 11 скокови и тоа е неговиот трет „трипл-дабл“ сезонава и 15-ти во кариерата. Џоел Ембиид додаде 24 кошеви и 9 скокови. Кавалирис ги предводеа Кеди Осман и Џордан Кларксон со по 18 кошеви.

Вашингтон Визардс дома со 128:110 ги победија Лос Анџелес Лејкерс, а Џон Вол постигна 40 кошеви со 14 асистенции за победничкиот тим. Бредли Бил забележа 25 поени и 12 скокови за Визардс. Лејкерс ги предводеше Кентавиус Колдвел-Поуп со 25 поени, Кајл Кузма додаде 20, а Леброн Џејмс 13 кошеви.

Сакраменто Кингс со 120:113 беа подобри од Далас Маверикск на нивен терен, а словенечкиот кошаркар Лука Дончич се впишва во историјата на НБА лигата. Тој во поразот на неговите Маверикс постигна 28 кошеви со 6 скокови, 9 асистенции и една украдена топка, станувајќи само шестиот тинејџер во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот кој остварил таков учинок. Исто така, беше најдобар стрелец во поразената екипа.

Кај Сакраменто, пак, Бади Хиелд ио Деаарон Фокс постигна по 28 кошеви.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.