Пекар од Македонија во Италија: Ја убил жената, а убиството го снимил на мобилен

Пекар од Македонија е осуден на 16 години затвор оти ја претепал до смрт својата сопруга, на која со сукало и’ ја скршил главата оти сметал дека го изневерува, во февруари лани во италијанскиот град Риети, пренесува „Дневник“.

Судот во Риети завчера донел одлука 42-годишнио Љазим Шабани да биде осуден за убиство на 37-годишната Шедине Мамедани, а која треба да биде потврдена деновиве.

На висината на казната имало влијание судското вештачење, според кое, Шабани бил делумно пресметлив во моментот кога ја убил сопругата. Одбраната на убиецот, пак, тврди дела тој во целост не бил свесен за тоа што го прави кога ја удирал Шедине.

Случајот предизвика големо внимание во италијанската јавност бидејќи убиецот на мобилниот телефон го снимил последниот час од животот на својата сопруга, која додека ја удирал со сукалото ја испрашувал за да изнуди признание дека го изневерува. Kога полицијата дошла да го уапси тој викал дека сопругата му е проститутка, а и до крајот на постапката тврдел дека таа имала љубовник, негов колега од пекарницата.

Сепак, за време на судењето се докажало дека колегата на Шабани, кого тој го посочил како љубовник на сопругата, во времето кога убиецот сметал дека тој е со Шедине, сепак, бил на работа во пекарницата. Пекарот тврдел дека доказ оти таа го изневерува е што преку вратата од изнајмениот стан во кој живееле не била црната лента која ја ставал кога ноќе одел на работа, за да знае дека Шедине излегувала кога тој не бил дома.

И вештачењето на аудиоснимката од мобилниот телефон покажала дека несреќната жена не признала оти го изневерува сопругот, иако на снимките нејзиниот глас одвај се слушал поради тепањето и повеќе се слушале неодредени звуци. Истрагата покажала дека Шабани ја удрил најмалку седум пати со сукалото по главата, од што коските на лицето и черепот и биле скршени до непрепознавање. Бидејќи целата глава и’ била во крв, убиецот ја одвлечкал жената влечејќи ја за коса во бањата каде што и’ ја измил главата. Тој и таму и’ ја удрил главата од кадата, по што ја вратил во дневната соба и ја пресоблекол во чиста облека. Потоа му се јавил на свој роднина, кој ја известил полицијата.

Според медиумите, Шедине со својата мајка и братот дошла во Италија, но тие живееле во градот Гросето. Таа и Шабани биле цивилно венчани во Македонија, но бракот не бил признат во Италија.