Пекинг, Токио и Сеул демонстрираа единство во време на важните најави од Пјонгјанг

Челниците на Кина, Јапонија и Јужна Кореја се сретнаа во средата на самитот во Токио за да дадат силен гест на солидарност во време на историските дипломатски потези на Северна Кореја, и да ѝ дадат поттик на оваа изолирана комунистичка земја да се откаже од развојот на нуклеарното оружје.

„За нашите три земји, градењето на односите на соработка ориентирана на иднината е извонредно важно за регионот во целина“, изјави јапонскиот премиер Шинзо Абе на почетокот од трилатералниот самит.

Последен пат трилатералниот самит се одржа во Сеул во 2015 година, а овој пат тој се одржува во невообичаен период на мирни односи.

Абе ќе одржи и одвоени состаноци со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин и со кинескиот премиер Ли Кечијанг, кој престојува и во официјална државна посета, прва на еден кинески премиер на Токио уште од 2010 година.

Јапонскиот премиер на прес-конференцијата по заршувањето на состанокот на врвот рече дека неговата земја ќе ги нормализирина односите со Северна Кореја, доколку бидат решени нуклеарните прашања, како и прашањата на грабнувања на јапонските државјани.

Пјонгјанг, имено, призна дека грабнал тринаесет јапонски државјани пред повеќе децении за да бидат обучувани за шпиони. Петмина досега се вратени во Јапонија.
Кинескиот премие Ли порача дека Пекинг поттикнува почеток на директен дијалог меѓу Јапонија и Северна Кореја.

„Мораме да го задржиме сегашниот елан кон денуклеаризација на Корејскиот полуосторв и кон мирот и безбедноста во североисточна Азија, како и во уште посилна соработка со меѓународната заедница, да осигуриме тоа да доведе до конкретни акции на Северна Кореја“, изјави Абе на средбата со новинарите.

Мун рече, пак, дека трите држави ќе ја продолжат соработката, додека двете Кореи се движат кон договорот за траен мир.

Северна и Јужна Кореја се усогласија на историскиот самит кон крајот на април дека заедничка цел ќе им биде целосната денуклеаризација на Корејскиот полуостров и прогласување официјално завршување со сеопфатен мировен договор на Корејската војна која траеше од 1950 до 1953 година.