Пеколни горештини во Кина

Големите кинески градови издадоа предупредување за топлотен бран, а се очекува дека температурата во главниот град Пекинг во понеделник ќе достигне до 36 Целзиусови степени, додека земјата се подготвува за уште една година рекордни температури кои би можело да ги загрози снабдувањето со електрична енергија, посевите и економијата која закрепнува.

Кина уште од март е погодена од топлотен бран во неколку делови од земјата. Неодамна покраината Јунан беше зафатена од температури повисоки од 40 Целзиусови степени, што особено ја оптоварува електричната мрежа, бидејќи милиони домови започнуваат да ги вклучуваат клима уредите.

Изминатите неколку денови покраината Шандонг и областа на Пекинг издадоа предупредување за топлински бран. Се очекува дека во поголемите градови, како што се Јинан, Тианџин и Женгжу, температурите ќе се искачат дури до 37 Целзиусови степени. Кинеската метеоролошка управа ги предупреди регионите да се подготват за уште поекстремни горештини оваа година.

Спорадичните топлотни бранови се јавуваат пред вообичаените летни сезони, што особено го загрижува земјоделскиот сектор. Штетите на посевите би можело да ги зголеми цените на храната, да ја влоши инфлацијата и дополнително да ја притисне кинеската економија, додека се обидува да закрепне од тригодишната политика на ограничување во епидемијата на ковидот што го запре растот.

Југозападната покраина Јунан, историско позната по благото време, имала само 35 милиметри дожд годинава до 20-ти април, извести неодамна државната телевизија CCTV. Во главниот покраински град Куминг паднале помалку од 8 милиметри врнежи, што е најмалку откако се вршат мерењата.