Пелистер поразен кај Нексе во СЕХА лигата

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се поразени со 25:29 во второто коло од Групата А на регионалната СЕХА лига на гостувањето кај хрватскиот претставник Нексе во Нашице.

Ова беше дуел на двете екипи кои се сретнаа во соочувањето за третото место на фајналфор турнирот на СЕХА лигата минатата сезона во Задар. Тогаш македонскиот тим победи со 27:23. Овојпат Нексе успеа да се реваншира за септемврискиот пораз и да победи со 29:25.

Нексе подобро го отвори натпреварот. Поведе со 3:1, имаше водство и од 9:6, а во еден момент дури и од плус 5 (15:10), а на одморот се замина со резултат 15:12. Во вториот дел домашните водеа со седум разлика (23:16), бранејќи ја предноста во последната четвртина од натпреварот.

Кај хрватските вицешампиони најефикасни беа Иван Сршен со шест гола и Лука Мославац и Фахрудин Мелиќ со по четири гола. Доминик Кузмановиќ (8) и Морено Кар (6) забележаа 14 одбрани заедно.

Мирко Радовиќ постигна пет гола за Еурофарм Пелистер, а Ненад Костески четири гола.

На табелата од Групата А води Војводина со шест бодови, Нексе има три, а Пелистер е без бодови.

Во следниот натпревар од оваа група, Еурофарм Пелистер ја пречекува Војводина на 2-ри март, а една седмица подоцна е закажан натпреварот меѓу Нексе и Војводина.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.