Пендаровски: 10 милиони евра да им се даваат на политичките партии е срамно

Претседателот Стево Пендаровски смета дека треба да се преиспита одлуката за доделување пари од Буџетот на политичките партии, но оти иницијативата за тоа треба да дојде од Парламентот односно идните пратеници.

Во интервју за ТВ 24, Пендаровски кажа дека 10 милиони евра, пари кои им се даваат на политичките партии кои освоиле најмногу гласови на изборите, е срамно и несразмерно согласно нашиот животен стандард.

– Тоа се огромни пари. Тоа е неверојатно. Навистина мислам и да не е коронава, ние сме сиромашна држава, 10 милиони за политичките партии е срамно. Која било партија, колку и да добива тоа е прилично несразмерно, спрема нашиот животен стандард – рече Пендаровски.

Претседателот посочи на реакциите и апелите од обичните граѓани дека партиите се навистина, како што рече, посебно згрижени како организации во оваа земја, а не би требало да биде така.