Пендаровски ја објави програмата за чествувањето на Илинден на Мечкин Камен

Претседателот Стево Пендаровски ја објави програмата за утрешната прослава на празникот Илинден на Мечкин Камен.

-Утре на Мечкин Камен ќе оддадеме почит на Илинденците коишто загинаа во одбрана на Крушевската Република. Во рамките на централната свеченост го чествуваме Илинден со пригодна реч на Никола Ристановски со пораки за Илинден; настап на Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“; настап на Ансамблот на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија; настап на Влатко Стефановски; настап на воениот оркестар на Армијата, стои во програмата.

Тој додава дека годинава чествуваме 118 години од Крушевската Република и повикот за слобода и правдини и 77 години од Првото заседание на АСНОМ кога беа удрени темелите на современата македонска држава.

-Овој ден нека биде мотив да ги надминеме поделбите и сите да се сплотиме околу илинденските и АСНОМ-ски идеали, потенцира Пендаровски.

Инаку, одлуката на шефот на државата да не држи говор на Мечкин Камен по повод 2 Август- Денот на Републиката предизвика бура од реакции.

Пендаровски вчера на брифинг со новинарите објави дека ја менува 30 годишната традиција и за прв пат годинава, претседателот на републиката нема да се обрати до нацијата на Мечкин Камен.

Исто така, за прв пат ќе биде сменето и времето на манифестацијата која ќе биде во 18 часот, па наместо попладневни говори ќе биде организиран концерт во вчерните часови.

За ВМРО-ДПМНЕ, ова е срамен и недржавнички потег, а идејата на Пендаровски е неприфатлива за лидерот на партијата, Христијан Мицкоски.

Тој ќе остане верен на традицијата, па утре ќе присуствува во струшко Ташмаруништа и од таму како и минатата година ќе испрати порака.