Пендаровски: Брисел и европските партнери одговорни за одложувањето на процесот на интеграција

Македонскиот претседател Стево Пендаровски вели дека челниците на Европската унија и европските партнери се одговорни за одложувањето на процесот на интеграција на таа земја и Турција, кои со години имаат статус на кандидати.

„За жал, европските приказни за обете земји не се успешни. Никој не е виновен, би сакал да барам вина од нас, но не можам да избегнам да зборувам за голата вистина. Нашите европски партнери и Брисел се одговорни за тоа“, изјави Пендаровски за турската новинска агенција Anadolu.

Турција започна преговори за полноправно членство во ЕУ во 2005 година и досега не се направени поголеми чекори кон таа цел.

Пендаровски додаде дека Македонија чека во процесот на интеграција во ЕУ повеќе од 16 години од 2005 година.

„Се уште го чекаме почетокот. Чекаме почеток на преговори, а не за влез во ЕУ. Заедно со долгогодишните несогласувања што ги имаме со соседна Грција, друг проблем се блокадите што доаѓаат од нашиот источен сосед Бугарија“, рече Пендаровски.

Додаде дека, спротивно на традицијата на интегративните процеси, некои историски теми постојано се ставаат на маса.

„Се обидуваме да ги надминеме блокадите на некој начин и да го започнеме процесот на преговори што е можно поскоро. Во овој контекст, можеме само да изразиме надеж. Нашата единствена надеж е да го започнеме процесот што е можно побрзо и дека, по неговото завршување, можеме да станеме полноправна членка. Се разбира, Северна Македонија и Турција се дел од обединета Европа, не само во географска, цивилизациска, културна и економска смисла, туку и во секоја друга смисла“, нагласи Пендаровски.

Пендаровски вели дека економската соработка меѓу Македонија и Турција е засилена во изминатите десет до дванаесет години, што го опфаќа мандатот на власт на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган

„Денес Турција е во првите десет инвеститори во земјата. Најновите статистички податоци покажуваат дека Турција е на шестото место на таа топ 10 листа на најголеми инвеститори во Северна Македонија“, оцени Пендаровски.

„И обемот на трговија меѓу нашите земји е помеѓу петтото и седмото место на таа топ 10 листа, што значи дека Турција е еден од најважните инвеститори во земјата“, заклучува македонскиот претседател.