Пендаровски да не го штити криминалот и да не го потпишува законот за спорот помеѓу државата и Макпетрол

Тутунарите, невработените, семејствата кои настрадаа од корона кризата треба да знаат дека за нив нема грижа од државата затоа што Заев реши да даде пари на Макпетрол наместо да решава проблеми, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Обнова за Македонија на прес-конференција по донесувањето на Законот за решавање на спорот за ГА-МА.

– Штетниот и криминален Закон за Макпетрол во износ од 33 милиони евра со кој Зоран Заев му ги дава на олигархот кој е сопственик на Макпетрол со денешното шверцерско носење покажува колку е штетен. Целата процедура за негово носење од страна на владејачкото мнозинство, седници до утринските часови покажуваат дека единствено со овој закон Зоран Заев прави криминал. За Зоран Заев е небитно што нема пари за поддршка на тутунарите, оризопроизводителите, за социјалните случаи, но важно е да му подари 33 милиони евра на Макпетрол.Важно е овие 33 милиони евра пари на граѓаните да се проневерат со закон, а не како што е процедурата со спогодба, се со цел Зоран Заев да се заштити и да не одговара за овој штетен договор.Заев знае дека тоа што го направи е нелегално и дека за тоа ќе има одговорност. Затоа ги натера пратениците со закон да му го легализираат криминалот – рече Мицевски.

Според него ВМРО-ДПМНЕ уште од почетокот беше против овој закон и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на секој можен начин се обиде да спречи негово донесување, но оваа криминална власт си го донесе преку своето кревко мнозинство.

– ВМРО-ДПМНЕ го повикува претседателот на државата, Стево Пендаровски барем еднаш да не биде слуга на Зоран Заев и да не го штити криминалот на оваа не народна власт и да не го потпишува законот за спорот помеѓу државата и Макпетрол.

Мицевски рече дека пратеникот на СДСМ Костадин Костадиновски шири лажна вест дека ВМРО-ДПМНЕ го поддржала носењето законот.

– Костадин Костадинов уште еднаш брутално ја излажа јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ го направи кворумот.Каде е сега она владино тело за борба против лажните вести, да го санкционира Костадинов кој што шири зараза од лажни вести. Тоа покажува дека и самата власт прави криминал и пратеници од власта бегаат за да не гласаат за овој закон – рече Мицевски.