Пендаровски денеска ќе биде инаугуриран во Собранието

Новоизбраниот претседател Стево Пендаровски денеска ќе биде инаугуриран на седница во Собранието, со што и официјално ќе го започне неговиот петгодишен мандат.

На седницата Пендаровски ќе даде свечена изјава пред народните избраници, членовите на Владата, верските лидери, првите луѓе на армијата, дипломатскиот кор и гости од странство.

Претседателот на Собранието Талат Џафери за МИА изјави дека досега потврда за присуство на инаугурацијата на Пендаровски пристигнала од бугарскиот претседател Румен Радев, од српскиот претседател Александар Вучиќ, од албанскиот претседател Илир Мета и од косовскиот претседател Хашим Тачи.

Стево Пендаровски ќе биде петти шеф на државата од нејзиното осамостојување. Пред него претседателската функција ја извршуваа Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.