Пендаровски ќе оди во Софија на церемонијата за старт на гасниот интерконектор Грција – Бугарија

Македонскиот претседател Стево Пендаровски денеска ќе отпатува во Софија, каде заедно со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателите на Азербејџан и на Србија, Илхам Алијев и Александар Вучиќ и премиерите на Грција и на Романија, Киријакос Мицотакис и Николае-Јонел Чука, ќе биде дел од церемонијата за почетокот на комерцијалната работа на гасниот интерконектор Грција – Бугарија.

Како што е најавено од кабинетот на претседателот, Пендаровски во Софија оди на покана на неговиот бугарски колега, Румен Радев, со кој ќе има билатерална средба, а ваква средба е предвидена и со Фон дер Лајен.

Гасниот интерконектор Грција – Бугарија ја поврзува мрежата за пренос на природен гас на Грција во близина на градот Комотини со бугарската преносна мрежа близу Стара Загора, а самиот проект треба да обезбеди диверзификација, не само на рутите, туку и на изворите на природен гас за Бугарија и поширокиот регион.

За Македонија тој ќе овозможи пристап и до складиштето за природен гас во Чилен во Бугарија, преку кој земјава може да набавува ЛНГ (Liquified Natural Gas) од терминалот во Александрополис, но и да го складира во Бугарија.

Диверсификацијата на изворите со природен гас стана приоритет поради руската воена инвазија врз Украина, во време на европски санкции кон Русија, кога рускиот гас е поскапе, а и снабдувањето со него стана непредвидливо.