Пендаровски го негира Меџити дека во неговиот кабинет се разговарало за враќање на Груевски

Претседателот Стево Пендаровски ги демантира тврдењата на лидерот на Демократско движење Изет Меџити, кој пред неколку дена изјави дека на 9 Мај годинава во претседателскиот кабинет се преговарало за враќање на поранешниот премиер Никола Груевски во земјава.

Шефот на државата вели дека на тој ден единствен политички чинител со кого остварил средба бил коалицискиот партнер на Меџити, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.

Претседателот Пендаровски нагласи дека неговиот став на темата помилување е јасен и честопати повторуван во текот на изминатите години, а тоа е дека нема намера да го амнестира поранешниот премиер Груевски. Тој вели дека во неговиот кабинет никогаш немало средба со никого, било политички или неполитички актер, на која се разговарала и договарала амнестија за Никола Груевски. Изет Меџити, вели Пендаровски, можел да провери кај него дека на 9 Мај тој остварил средба само со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши.

– Проверив кај мене во календарот и освен стандарден работен состанок со моите вработени, точно во 12 часот на 9 Мај кај мене во Кабинетот бил само Африм Гаши, и се разбира дека не сме разговарале за помилување на Груевски, рече Пендаровски за МРТ.

На новинарско прашање дали некој од опозицијата барал амнестија за Груевски, Пендаровски рече дека никој од него нема побарано амнестија или помилување и ја повтори изјавата од пред неколку дена, дека одредени луѓе преку посредници само ја тестирале таа идеја и тоа дали тој е подготвен да го направи тоа.

– Јас не мислам дека некој политичар треба да биде амнестиран затоа што мојот став е дека секој треба да ја докаже својата невиност преку правните инстанци во земјата, соопшти Пендаровски.

Изјавата на Пендаровски следува откако пред неколку дена во телевизиско гостување, претседателот на Демократско движење и поранешен висок функционер од редовите на ДУИ Изет Меџити, кажа дека на Денот на Европа во претседателскиот кабинет било преговарано враќањето на Груевски. Исто така и дека имало барање за негово помилување, а дека тоа барање било направено по иницијатива на владејачките партии, а не на опозицијата. Меџити рече и дека тој има факти и докази за тоа кој точно бил на средбата со Пендаровски.