Пендаровски го свика Советот за безбедност поради коронавирусот

Според претседателот Стево Пендаровски, Македонија добро се справува со коронавирусот.

– За состојбата со коронавирусот морам да ви кажам една моја оценка за досегашното постапување на надлежните институции, а тоа е дека нашата земја се справува најдобро од сите други земји во регионот. До овој момент е спречено ширењето на епидемијата во земјава. Мерките кои се на сила даваат ефект и затоа во овој момент сме само на 9 потврдени случаи. Имаме доволно залихи и надлежните добро си ја вршат својата работа. Морам да ви порачам дека никакво ниво на ноншалантност не е дозволено ако сакаме да ја ограничиме епидемијата. Мојот кабинет ги редуцираше своите активности, а и најголемиот дел од институциите го сторија истото – рече Пендаровски.

Тој апелираше до граѓаните и до медиумите да не шират лажни вести за коронавирусот, оти, како што истакна, деновиве биле детектирани неколку обиди за планско ширење лаги за заразата со цел да се влоши состојбата и народот да ја загуби вербата во институциите.

Пендаровски, исто така, соопшти дека во понеделник во 16 часот ќе одржи седница на Советот за безбедност, а освен стандардниот состав, ќе присуствува и министерот за здравство, како и началникот на Генералштабот. Тој не ја исклучи можноста, ако состојбата со вирусот се влоши, да биде прогласена дури и вонредна состојба.

Во поглед на предвремените парламентарни избори кои треба да се одржат на 12 април, шефот на државата рече дека алтернативното водење на кампањите може да функционира, но исто така потенцираше дека не секој граѓанин користи Интернет и социјални мрежи.