Пендаровски и Џафери: Насочување на сите капацитети кон процесот на европските интеграции

Македонскиот претседател Стево Пендаровски и собранискиот спикер Талат Џафери се сретнаа претпладнето во понеделникот во резиденциајта Вила Водно, а на средбата освен службената честитка за стапувањето на функцијата шеф на земјата, било разговарано за ангажман за добивање датум за почетокот на пристапните преговори со Европската унија, информираат од кабинетот на Пендаровски.

„Претседателот Пендаровски и претседателот на Собранието Џафери разменија мислења за актуелните состојби во Република Северна Македонија. Двајцата соговорници ја истакнаа важноста сите релевантни институции во државата во претстојниот период да ги насочат севкупните капацитети кон реализација на следниот важен чекор во европската интеграција на Република Северна Македонија – одредување датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија“, се наведвува во соопштението за медиумите.

Во таа насока, Пендаровски го посочил значењето на Собранието во реализацијата на реформската агенда и на парламентарната димензија во остварувањето на интересите на Република Северна Македонија на меѓународен план.

На средбата, двајцата соговорници договориле натамошна поблиска координација на двете институции во корист на граѓаните и во интерес на земјата, додаваат од кабинетот на шефот на државата.