Пендаровски и официјално избран за претседателски кандидат од СДСМ

Стево Пендаровски и официјално избран за кандидат на СДСМ за претседател на Република Македонија. Пендаровски доби поддршка од сите 588 присутни делегати на 16. Конгрес што вечерва се одржа во Скопје под мотото „Македонија заслужува претседтел”.

Доколку ја добие довербата од граѓаните, Пендаровски пред присутните делегати и гости на Конгресот рече дека ќе биде човек што ќе се грижи и ќе ги почитува интересите на сите граѓани.

„Со ваша, но и со поддршка на голем број граѓани на Македонија ќе треба најпрво да ја кренеме државата на нозе, а во некои делови да ја градиме и од почеток,“ рече Пендаровски.

Претставувајќи го сопствениот концепт за државата посочи дека неговата цел е да биде претседател, кој ќе биде чувар на Уставот, заштитник на граѓаните и обединувач на нацијата.

Лидерот на партијата Зоран Заев во своето обраќање ги повика партиските членови, но и граѓаните да го поддржат Пендаровски да биде избран за претседател на државата.

„Пендаровски во важни моменти за државата учествуваше во донесувањето на најтешките одлуки што го вратија мирот, безбедноста и просперитетот на Македонија. Тој е човек, кој ужива углед и дома, во нашата земја, но и во светот, кој ќе ги претставува интересите на сите граѓани на Македонија без разлика на нивната верска, национална, политичка и друга припадност,“ рече Заев.

СДСМ најави дека кандидатурата на Стево Пендаровски за претседател на Република Македонија ќе биде формално доставена со поддршка од најмалку 30 пратеници од опозицијата. Тој е единствениот кој во претседателската трка влегува без собрани 10.000 потписи.