Пендаровски: Можно е да се смени одлуката за воведување на кризна или вонредна состојба

Претседателот Стево Пендаровски не ја исклучува можноста да се воведе кризна состојба на територијата на целата држава откако се зголеми бројот на заразени од коронавирус. Откако се потврдени неколку случаи на заразени во Скопје, претседателот Пендаровски рече дека е можно да се оди во таа насока, но не на цела територија туку во зависност од достојбата за секоја општина одделно.

„Бидејќи утрово е случајот од Скопје кое има над 600 илјади жители и потенцијалот за ширење на вирусот е многу поголем од Дебар и Центар Жупа, можно е да одиме и во таа насока. Ние денеска влегуваме во една повисока фаза. Вчера бројката беше далеку помала. Од средината на вчерашниот до средината на денешниот ден имаме речиси дуплирање на бројот на заболени. Не сакам да кревам паника. Јас и вчера најавив ако е потребно советот за безбедност секојдневно ќе заседава да ја антиципираме ситуацијата“, изјави претседателот Пендаровски во „Топ Тема“.

Рече дека во моментов во општините Дебар и Центар Жупа се распоредени 350 припадници на војската, полицијата и здравствени работници.

„Вонредната состојба може да дојде на маса но не за да донесеме сет на мерки посилни од овие сега кои се на сила. Тие се мерките. Битно за вонредна состојба , не се мерките кои ќе го спречат ширењето на вирусот, туку економската ситуација. Огромни се штетите досега“, рече претседателот Пендаровски во интервју за „Топ Тема“.