Пендаровски му го врачи мандатот за нова Влада на Ковачевски

Шефот на државата Стево Пендаровски денеска во Вила Водно му го предаде мандатот за состав на нова Влада на новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Врз основа на член 84 став 1 алинеја прва од Уставот на Република Северна Македонија и известувањето за предлог на мандатарот доставено од СДСМ, а поддржано од политичките во состав на коалицијата, кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот во Собранието на РСМ, за мандатор за состав на Владата го определувам господинот Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ“, порача Пендаровски.

„За мене претставува голема чест и одговорност доделениот мандат од претседателот Стево Пендаровски да ја формирам новата Влада. Од денес започнувам со формирање на новиот тим луѓе кои треба да одговорат на сериозни предизвици, кои не чекаат веќе од почетокот на следната година“, истакна новиот мандатар и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, по доделувањето на мандатот од страна на шефот на државата.

Додаде дека живееме во турбулентни времиња, времиња на кризи и неизвесности, а истите бараат стабилни, одговорни и храбри луѓе.

„Новата влада ќе има јасна цел, обезбедување сигурност, подобар живот и светла иднина за нашите граѓани. За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлука на тимот кој јас како мандатар ќе го составам“, порача Ковачевски.