Пендаровски на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“ на Светскиот економски форум во Давос

18

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“.

Учесници на дебатата беа генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар де Кро, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и шефот на претседателската администрација во Украина, Андриј Јермак, модерирана од новинарката Френсин Лаква, уредничка во деловната новинска агенција Bloomberg.

„Во фокусот на дискусијата беше војната во Украина, како заедничка закана што го урна безбедносниот поредок кој со децении ѝ помогна на Европа да напредува во мир, но и чекорите што Европската унија треба да ги преземе во радикално променетиот контекст.

Учесниците на панелот ја осудија руската агресија и изразија поддршка за украинскиот народ. Тие ја посочија важноста од превенција на ескалација на конфликтот во Украина и неопходноста да се обезбеди заштита на НАТО сојузниците“, се додава во извштајот од кабинетот на македонскиот претседател.

Пендаровски истакнал дека „руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата ЕУ се фокусира на интеграцијата кон земјите од западен Балкан, како процес којшто „дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот“.

Нагласил дека НАТО но и ЕУ, се двата коридори за „подобра, побезбедна и попросперитетна иднина„.

„Потребно е да ѝ помогнеме на Украина, да ги убедиме и другите сојузници кои можеби имаат одредена доза на скептицизам. Политиката на „отворени врати“ не треба да важи само за НАТО, туку да се применува и за ЕУ, вратите и на двете организации да останат отворени за украинскиот народ. Украинците се борат за сопствената слобода, но оваа борба е и за одбрана на демократските вредности. Ова е војна на една автократија против демократија. Доколку (рускиот претседател Владимир) Путин успее некако да победи во оваа војна, тогаш нема само да ја победи Украина“, рекол Пендароцски додавајќи дека Македонија во рамки на своите можности дава поддршка на Украина, од воена до дипломатска помош и дека политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на ЕУ.

„Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО алијансата, туку и за ЕУ. Во спротивно, концептот за обединета Европа, во мир со себе и со светот од Атлантикот до Урал, ќе биде само сон“, рече претседателот Пендаровски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.