Пендаровски не отпатува за Рим, делегација положи цвеќе за „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје

Државни делегации од земјава и од Бугарија неколку години заедно оддаваат почит за 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј во Рим и Ватикан, но годинава поради пандемијата со ковид-19 претседателот Стево Пендаровски го одложи патувањето за втората половина од 2020 година.

Денеска делегација од неговиот кабинет, во чест на претстојниот празник, положи свежо цвеќе пред споменикот на светите браќа во универзитетскиот кампус „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Делегацијата ја предводеше генералниот секретар Миле Бошњаковски, а во неа беа и Билјана Радева, заменик-генерален секретар и портпарол и Александар Љ. Спасов, советник на претседателот за надворешна и внатрешна политика.

Одложувањето на патувањето во Рим и Ватикан е усогласено со кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев. Од двата кабинета претходно најавија дека ќе се одреди датум за втората половина од годината.

Во Рим и Ватикан делегациите оддаваат почит со положување цвеќе кај базиликата „Санта Маџоре“, како и на гробот на свети Кирил во базиликата „Свети Климент“.