Пендаровски: Пандемијата ќе помине, да ги надминеме поделбите и да ги залечиме раните

Претседателот на Република Македонија Стево Пендаровски денеска до граѓаните упати честитка по повод новогодишните празници.

-2020-та беше една од најтешките години од македонската независност. Ја поминавме во постојана тензија помеѓу стравот и надежта. Стравувавме за нашето здравје и животи. Бевме загрижени и за економијата, за работните места, многу лични и професионални планови беа одложени. Но, најтрагично од се, многу човечки животи беа изгубени. Пандемијата покажа колку сме ранливи како луѓе. Истовремено разоткри и многу системски слабости што се извор на социјална нееднаквост и неправда. Не е утеха што овие слабости се покажаа и на многу други места во светот, не само кај нас, напиша Пендаровски во честитката.

Но, додава, во сета таа болка и страв низ кои поминавме, имавме и причини за надеж. Таа надеж, вели, ни ја даваа нашите херои, здравствените работници, кои секојдневно, пожртвувано се борат за здравјето и животот на секој пациент, дури и на новогодишната ноќ. Надеж, потенцира Пендаровски, ни даваа и хуманите луѓе со големо срце со своите донации и волонтерите со својата посветеност. Надеж ни даваа и оние кои и во вакви услови се бореа за социјална правда и достоинствен живот.

-Не можеме со сигурност да знаеме што нé очекува во годината која е пред нас. Но, во ова време на неизвесност, една работа е извесна. Кризата не менува сите, постепено, секој ден, и од нас самите зависи дали од неа ќе излеземе разединети и рамнодушни или сплотени и солидарни. Треба да знаеме дека секое добро дело продолжува да живее во луѓето на кои сме им помогнале и за кои сме се грижеле. Пандемијата ќе помине. Ќе дојдат подобри денови. Ќе можеме да бидеме заедно, без страв. Но, и тогаш не смееме да ги заборавиме скапо платените лекции. Мора да сме системски подготвени за следната криза, мора да ја закрепнеме економијата, да ја искорениме неправдата, да ги надминеме поделбите, да ги залечиме овие рани. Сите ние заслужуваме многу повеќе радост и среќа! Во 2021-та посакувам да имаме здравје, само здравје, за да можеме да ги оствариме сите наши желби, пишува претседателот Стево Пендаровски во честитката по повод Нова Година.