Пендаровски победи, но СДСМ загуби

970

Стево Пендаровски, зад кого застана владејачката коалиција во трката за претседател, ја освои функцијата на вчера одржаните избори. Пендаровски освои околу 58 илјади гласови повеќе од неговиот противкандидат, Гордана Сиљановска Давкова која во трката влезе со поддршка на ВМРО ДПМНЕ.

Анализата на изборните резултатите говорат дека споредно со бројките од првиот круг и двајцата кандидат додале значителен број на гласови на своето конто. Но, фактите говорат дека пресудни за победата на Пендаровски се покажаа гласовите на граѓаните во општините каде што живее мнозинство албанско население.

Струга, Арачиново, Сарај, Тетово, Чаир се дел од општините каде Пендаровски бележи предност со повеќе илјади гласови во однос на Сиљановска. Така на пример во Гостивар, сега избраниот претседател освоил 13.263 гласови наспроти 5.262 на Сиљановска Давкова. А, можеби најдрастичната разлика е во општина Липково каде Сиљановска има освоено само 44 гласа, додека за Пендаровски гласале 6.543 граѓани.

Бројките укажуваат дека Кресник Бектеши од ДУИ не е далеку од вистина кога вели дека во вториот круг партијата на Али Ахмети обезбеди 120 илјади гласови за Пендаровски.

Имајќи ги предвид овие бројки пресметката покажува дека СДСМ, доколку одеше сама на овие избори, би освоила 270 илјади гласови.

Јанушев: ВМРО ДПМНЕ тежи 380 илјади гласови

ВМРО ДПМНЕ и нивната кандидатка, според официјалните податоци на Државната изборна комисија, освои повеќе гласови од владејачката коалиција во повеќе од 40 општини и го зголеми фондот на гласови споредено со локалните избори одржани во 2017 година.

„Гордана Сиљановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ победија во 42 општини. Да беа ова локални  избори сега ќе имавме 42 градоначалници, да беа парламентарни, ВМРО-ДПМНЕ ќе имаше најголем број на мандати и ќе беше новиот мандатар. Фактите говорат и дека  ВМРО-ДПМНЕ во услови на притисоци, закани и уцени вчера освои 60.000 гласови повеќе отколку во првиот круг. Значи ја зголемивме својата поддршка. Или вкупно ВМРО-ДПМНЕ тежи 380.000 илјади гласа. Односно 42.000 гласа повеќе отколку на локалните избори во 2017 година.  За нас како партија ова е огромна одговорност“, вели генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев.

СДСМ загуби поради  неработењето на локалните власти и лошите перформански на владините функционери

Аналитичарите и по завршувањето на изборите се децидни дека власта не успеа да издвојува победа каква што посакуваше поради големата разочараноста на граѓаните од локалните власти, како и поради низата на скандали кои што во изминатиот период ја „тресеа“ Владата.

Поради тоа порачуваат дека доколку СДСМ сака да ја задржи власта ќе мора да се сконцентрира на реформите и проектите кои се од најголем интерес на граѓаните.

Дека СДСМ нема повод за славје смета и поранешниот премиер Владо Бучковски

Бучковски: Ова е одличен резултат за ВМРО-ДПМНЕ, во СДСМ нема место за еуфорија

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.