Пендаровски – Штајнмаер: Ако преговорите со ЕУ не се базирани на историја, туку на европски критериуми, ќе ги завршиме во рекордно време

Уверен сум дека ако процесот на преговори со ЕУ не биде базиран предоминантно на историја, ако биде базиран на реалните европски критериуми и вредности, ние ќе ги завршиме во рекордно време тие преговори, рече во одговор на новинарско прашање претседателот Стево Пендаровски на заедничката прес-конференција со неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер во Скопје.

„Јас ве уверувам, затоа што го знам нивото на подготвеност на мојата земја во однос на европските интеграции – 17 години ние се подготвуваме за овие преговори, тоа е најдолг период на подготовки на било која држава во историјата на ЕУ“,  оцени Пендаровски.

Тој рече дека Македонија е најдобро подготвениот кандидат за членство во историјата на ЕУ. Тимовите за секое поглавје се направени уште пред деценија и половина, кажа Пендаровски.

На новинарско прашање дека според последните анкети опаѓа поддршката за членство во ЕУ, Пендаровски оцени дека негов впечаток е дека главниот аргумент за пад во евроинтузијазмот во ЕУ е на страната на Брисел.

„Точно е дека анкетите во последниве 18 месеци и во нашата земја и во нашиот регион покажуваат пад на поддршката за ЕУ. Јас не би сакал да се изземеме сите ние што сме локални и регионални политички раководства, се разбира имаме и ние тука одреден дел од одговорноста. Меѓутоа, мојот впечаток, мојата анализа почива на фактот дека главен резон, главен аргумент за овој пад во евроинтузијазмот да го наречеме поддршка за членство во ЕУ е на страната на Брисел затоа што во изминатите три-четири, пет па и повеќе години објективно не гледаме дека процесот на европските интеграции се движи напред“, истакна Пендаровски.

Тој потсети дека Србија и Црна Гора кои преговараат цела деценија, не напредуваат во евроинтеграциите, додека, оцени тој, БиХ и Косово се комплетно заборавени во процесот на евроинтеграции се до неодамна кога Босна доби препорака за кандидатски статус.

„Северна Македонија и Албанија до пред некој месец бевме ефективно блокирани од страна на Бугарија. Значи, не можете да им објасните на македонските граѓани зошто 17 години од различни причини ЕУ го одложува почетокот на преговорите. Ако во тие преговори што би биле започнати ние не сме добри, не сме ефективни тогаш ќе можеме да ја лоцираме одговорноста предоминантно на наша страна. Меѓутоа, ми се чини дека вратата ако се отвори и вистина ако се отвори широко за целиот регион во европските интеграции ќе видите многу подобри резултати и во поддршката на нашите граѓани за интегративниот процес“, оцени Пендаровски на заедничката прес-конференција со неговиот германски колега Штајнмајер.

Посакувам пристапниот процес за Македонија да се случи многу брзо и да нема нови пречки, но реформскиот процес на земјата мора да продолжи и можете да сметате на поддршката од Германија, порача денеска германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер на заедничката прес-конференција со шефот на државата Стево Пендаровски.

Во однос на тоа колку е реален планот на македонската Влада земјава да стане членка на ЕУ до 2030 година, Штајнмајер изјави дека тоа не може да го предвиди.

„Дали тоа ќе биде 2030 година, мора да разберете, никој во моментов тоа не може да го каже, ниту политичарите од Северна Македонија, ниту од Германија, ниту пак од ЕУ. Никој не може да вети, но треба да се стремите кон тоа и целта треба да биде стремежот да се постигне оваа цел и таа е присутна тука. Реформскиот процес тука во земјата треба да се движи со брзината која што е потребно од аспект на пристапување во ЕУ, се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзо“, рече Штајнмајер.

На новинарско прашање како гледа на тоа дека „во пристапните преговори е вклучена и Историска комисија”, Штајнмајер вели дека веќе зборувал за посебни услови, односно како што рече, „посебни оптоварувања” во пристапниот процес.

„Под тие оптоварувања сметам дека овој пристапен процес и во минатото беше поврзан со многу историски прашања и се бавеше со нив, при што кога зборуваме за пристап кон ЕУ, всушност зборуваме за прашања од сегашност и за заедничката иднина во Европа, така што би сакал само да советувам – акцентот да биде поставен во тој правец, не кон минатото и да не се бараат нови пречки“, оцени Штајнмаер.

Шефот на германската држава исто така рече и дека за време на посетата на државава, нема само да се обрати во Парламентот, туку оти и ќе има седба и со пратеници од различни политички партии.