Пендаровски со порака за Скопје прајд 2022: Прифаќањето на различностите е показател за зрело, демократско општество

Претседателот Стево Пендаровски посети волонтери и организатори на парадата на гордоста Скопје прајд 2022, со кои имаше можност директно да поразговара за начинот на организирањето на парадата, од логистика и прием на гости, до дадената институционална поддршка, безбедносните и промотивните прашања.
По повод одржувањето на Скопје прајд 2022 година, претседателот Пендаровски ја упати следната порака:
„Прифаќањето на различностите и ослободеност од предрасуди се показател на зрело, демократско и отворено општество кое е подготвено да направи простор за секој од неговите членови. Имаме заедничка одговорност да овозможиме уживање на основните права и себереализација на секој, без страв од отфрленост, особено кога станува збор за ранливите заедници.
Скопје прајд 2022 е парада на различност, прифаќање и дружба на ЛГБТИК+ заедницата, но и можност за сите кои ја разбираат и прифаќаат различноста по основ на сексуална ориентација и родов идентитет да ја искажат својата поддршка.
Очекувам третата парада на гордоста во Скопје да се одржи во мирна атмосфера, без инциденти, во атмосфера на толеранција и прифаќање. Да покажеме солидарност со нашите сограѓани затоа што достоинството, еднаквоста и правдата се за сите граѓани.“