Пендаровски со шефовите на дипломатиите на државите „Пријатели на проширувањето“

Претседателот Стево Пендаровски вечерва ги прими министерите за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус, на Летонија, Едгарс Ринкевичс и на Полска, Јацек Чапутович и потсекретарот за европски работи на Естонијам Март Волмер, чиишто земји членки на Европската Унија се дел од групата „Пријатели на проширувањето“.

На средбата, како што соопшти Кабинетот на шефот на државата, претседателот Пендаровски изрази благодарност за нивната силна и постојана поддршка за интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија.

– Во тој контекст, тој го реафирмираше очекувањето дека новата методологија ќе биде донесена во текот на овој месец и со тоа би се создала можноста за отворање на пристапните преговори за членство во текот на хрватското претседателство со Унијата, се наведува во соопштението.

Пендаровски нагласил дека земјава, спроведувајќи ја реформската агенда, во изминатиов период покажа политичка зрелост и максимална посветеност во обезбедувањето на нејзината европска и евроатлантска иднина.

– Во таа насока тој ја истакна важноста на нашето пристапување во Унијата, како значаен придонес во зајакнувањето на стабилноста и просперитетот на Југоисточна Европа, но и за самата Европска Унија, со која споделуваме исти вредности, се додава во соопштението.

Говорејќи за добрососедските односи и соработка како еден од основните предуслови за стабилен и безбеден регион, шефот на државата се осврнал на Договорот од Преспа и на Договорот за добрососедски односи и соработка со Бугарија, коишто претставуваат позитивен пример на Балканот.

– На средбата беше разговарано и за актуелните случувања во пресрет на предвремените парламентарни избори во Северна Македонија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски ја нагласи важноста изборите да бидат спроведени во фер и демократска атмосфера, а новата влада фокусирано да продолжи со испорака на реформски резултати, во интерес на граѓаните и на нашата европска иднина, наведува Кабинетот на шефот на државата.