Пендаровски упати честитка до Трамп по повод Денот на независноста на САД

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, упати честитка до Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.

„Почитуван господине Претседателе, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, ми претставува особена чест и задоволство, во мое лично име и во име на граѓаните на Република Северна Македонија, да Ви упатам најсрдечни честитки и искрени желби за севкупен просперитет на Вашата држава, како и за благосостојба на пријателскиот американски народ.

Воедно, би сакал да ја искажам својата длабока увереност дека во претстојниот период нашите билатерални односи ќе се развиваат со уште посилна динамика, отворен и конструктивен дијалог, и дека ќе градиме уште поцврсти и поинтензивни економски релации.

Заложбите за полноправно членство на Република Северна Македонија во НАТО и во Европската Унија се фокусните точки на нашето континуирано политичко делување. Благодарни за сета досегашна голема поддршка од САД во остварувањето на нашите стратешки цели, граѓаните на мојата земја очекуваат несебичната поддршка да продолжи и во претстојниот исклучително важен период…, стои во писмото на Пендаровски до Трамп.