Пендаровски: Уште на 5 ноември добивме сознанија дека Русија ќе ја нападне Украина

Претседателот Стево Пендаровски во вечерашното гостување во Тема на денот на Сител ТВ изјави дека Македонија уште на 5 ноември минатата година била информирана за инвазијата на Русија врз Украина.

-Ќе ви дадам еден податок кој не е познат во јавноста за да сфатиме колку е битно што влеговме во НАТО. Првите потврдени сознанија дека Русија подготвува инвазија на Украина на цела територија, ние како што сме овластени преку НАТО механизмите ги добивме на 5 ноември минатата година. Она што е запрепастувачки е тоа што беше предвидено во однос на времето на напад промашувањето беше само за 3 дена, а во однос на обемот на операцијата дека ќе се напаѓа баш од овие три четири магистрални правци немаше никакво промашување. Тоа е огромен бенефит пред време да знаете да се позиционирате, рече претседателот Пендаровски.