Пендаровски: вистинско место за лидерска средба е кај шефот на државата

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, смета дека вистинското место за лидерската средба е кај шефот на државата.

-Не би сакал да ја поткопувам иницијативата на премиерот за лидерска средба за важни прашања, сепак сметам дека вистинското место за лидерската средба е кај претседателот на државата, вели Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа.

-Сакам да бидам искрен. Мислам дека за неколку битни прашања, како што е на пример идната позиционираност на СЈО во нашиот правосуден систем или пописот кој за жал почна да се политизира, иако законот се уште не е донесен и неколку други слични битни работи, мислам дека вистинското место за средби е кај претседателот на државата, нагласува тој.

Пендаровски додава дека се сомнева оти заради големата политичка поделба меѓу двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е можна продуктивна средба од тој формат кога едната или другата партија е организатор.