Пендаровски: Во овој момент сум реалист и умерен оптимист, Заев е поголем оптимист од мене

Јас во овој момент сум реалист и умерен оптимист. Разговарав со премиерот Зоран Заев, тој е таков по карактер, секојпат поголем оптимист од мене и од другите, државното раководство, кога ние ќе паднеме со духот тој не крева.

Ова го изјави меѓу другото претседателот Стево Пендаровски денеска по билатералната средба во Рим со неговиот италијански колега Серџо Матарела, одговарајќи на новинарски прашања во врска со обидите за пронаоѓање решение со Бугарија и одблокирање на почетокот на преговори на земјава со ЕУ.

Тој информира дека сигурно наредните денови ќе доставиме предлози, кои ќе се базираат на акционите планови, секторската соработка, кои, како што рече, ги правевме и во ноември и во декември, ги доставуваме и до Брисел и до Софија. Посочи дека нема иновација во тој дел, а вклучена патна е и енергетска инфраструктура, медиумска соработка, културата, образование…

– Многу ми е битно дали при тоа ќе бидат сочувани виталните македонски национални и државни интереси, дециден беше претседателот Пендаровски.

Ставот на Софија, кој во овој момент го формулира само претседателот Радев, бидејќи нема други функционални институции, истакна Пендаровски, е дека вратата не е затворена во однос на португалскиот предлог. Укажа дека тоа е се што знаеме во однос на ставот на Софија за португалскиот предлог.

– Ние сега бараме да почнеме со преговори, а понатаму низ годините можат буквално сите барање од тие нивни декларации и резолуции да ги стават на маса. Меѓутоа зборуваме да почнеме со процесот, изјави Пендаровски.

Во однос на мониторинг од страна на ЕУ за почитување на договореното, шефот на државата нагласи дека нема да има нов договор со Бугарија, а земјава нема никаков проблем со тој мониторинг.

Во однос на можноста за отворање посебно поглавје, кое би се однесувало на почитувањето на договореното, Пендаровски вели дека нема проблем со посебни поглавја, ниту со патокази и какви било други документи, но она за што е заинтересиран е нивната содржина, што пишува во нив.

– Можам да констатирам од мојата средба со Радев и претходно другите контакти со него, неспорна е една работа, претседателот Раде зборува со сосема поинаква реторика од претходниците во бугарската Влада, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи и се обидува да ја спушти топката и се обидува со културен речник да се обраќа. Тој се држи до суштинските бугарски барања, не не навредува, и тоа веќе кажува оти се работи за човек кој е сериозен, стабилен и не мисли да ќарува само политички поени со тоа што ќе навредува некој од соседите, рече шефот на државата Пендаровски.

Претседателот на РС Македонија Стево Пендаровски изјави дека на средбата со неговиот италијански колега Серџо Матарела добиле целосна поддршка за нашите ЕУ интеграции и дека Италија ќе се заложи не само за С Македонија, туку и за целиот регион на Западен Балкан, кој предолго чека во чекалната на европските интеграции.

До крајот на оваа година, по 20 години, како што најави Пендаровски, во земјава во официјална посета по осамостојувањето треба ќе дојде шефот на италијанската држава.

-Италија е битна држава во ЕУ. Италија била една од најгласните адвокати за Балканот да биде интегриран во евроатлантските интеграции и значајно е што еден човек, кој е во својата седма година од мандатот и еден од најпочитуваните европски државници да ја посети нашата држава и на лице место да ни изрази поддршка за сите битни стратешки работи и за нас и за нив, нагласи Пендаровски.